Европската Унија изрази загриженост во врска со употребата на звучен топ од страна на Грција за да ги истера мигрантите од нејзините граници, отворајќи прашања за тоа дали уредите се во спротивност со законите на Унијата за основните права. „Асошиејтед прес“ објави дека грчката гранична полиција користи силен звук од оклопен камион преку границата кон Турција.
Портпаролот на Европската комисија, Адалберт Јанц, рече дека Европската комисија „со загриженост ги забележа извештаите во медиумите во врска со овој систем на звучен топ“ и рече дека Комисијата ќе бара информации од Атина за тоа. Јанц додаде дека од земјите-членки на ЕУ зависи како решаваат да управуваат со своите граници, но дека нивните методи „треба да одговараат на европските основни права, вклучувајќи го и правото на достоинство“, пренесе Радио Слободна Европа.