Шефовите на албанската и на грчката дипломатија, Дитмир Бушати и Никос Коѕијас се пред усогласување на конечниот текст на договорот за надминување на отворените прашања меѓу двете земји.

Според албанските медиуми, Бушати и Коѕијас,тоа ќе го направат на островот Родос, на маргините на одржувањето на Конференцијата за регионална безбедност и стабилност.

Во текстот на договорот, како што објавуваат грчки медиуми, опфатено е прашањето за морската граница меѓу двете земји, укинувањето на законот за воена состојба, на грчкото малцинство во Албанија, но нема ни збор за прашањето на Чамите(протерани Албанци од северниот дел на Грција), наведуваат албанските медиуми.

Доколку сè оди според планот, премиерите Алексис Ципрас и Еди Рама треба да се сретнат пред Самитот на ЕУ што ќе се одржи на 28 и 29 јуни.

Министерот Бушати претходно изјави дека Грција не поставува никакви услови договорот да се потпише пред 28 јуни.

Имајќи ги предвид позитивните одгласи во грчките медиуми и оптимизмот на Коѕијас, со договорот Албанија и отстапува на Грција 12 милји од своите територијални води на Јонско Море, на чие дно има големи резерви на нафта и гас.

Грција, пак, ќе го поништи законот за воена состојба донесен пред седумдесеттина години.

Што се однесува до прашањето за Чамите, грчките претставници секогаш изјавуваат дека тоа прашање за нив не постои.

Доколку договорот биде ратификуван во Парламентот, потребен е потписот на претседателот Илир Мета, кој, пак, само пред некој ден побара подетални информации околу разговорите,додавајќи дека во врска со договорот ќе делува според неговите уставни надлежности.