Грција денеска испрати десетина деца без придружба во Луксембург од преполните кампови за мигранти, објави „Ројтерс“.
Ова е прва група од над 1.000 деца што чекаат да бидат пренесени поради загриженост од можна зараза на ранливите групи со коронавирус.

Се очекува дека уште една група од педесетина деца в сабота да бидат испратени од Атина во Германија, а уште дваесетина деца подоцна во Швајцарија.

Атина се надева дека од Грција следните месеци ќе бидат преселени речиси 1.600 деца без придружба. Најмалку 5.200 деца мигранти од Сирија, Авганистан, Ирак и од африканските земји сега живеат во Грција, а многумина од нив престојуваат во тешки услови во кампови на островите на Егејското Море.

Заменик-министерот за миграција, Јоргос Кумуцакос, изјави дека иако бројот на испратените деца е мал, тоа испраќа силна порака на другите да го следат примерот на Луксембург.

Десетина држави изразија желба да примат одреден број деца мигранти, вклучително и Србија, Италија, Финска, Ирска и Португалија, соопштија грчките власти.