Грчките здравствени работници на штрајк во 2017 година

Децениската економска криза зема голем данок. Илјадници ги загубија работните места, приходите се намалија, а даноците се зголемија. Надежите за иднината беа урнати, пишува „Њујорк тајмс“.

За Ана (68) кризата имала особено тешки последици. Нејзиниот сопруг (66) си го одземал животот откако се соочил со повеќекратни намалувања на пензијата, по што западнал во очај.

– Тој постојано велеше, јас работев со години, а што ќе ми остане од тоа. Како ќе живееме – вели Ана, која откако и самата помина две години на лечење, волонтира за да им помогне на луѓето кои имаат проблеми со менталното здравје.

Случаите на депресија и стапката на самоубиства забележаа алармантен пораст за време на грчката должничка криза, според здравствените работници и спроведените истражувања во државата. Ваквата ситуација уследила откако кредиторите воведоа строги мерки за штедење, вклучувајќи ги намалувањето на платите и зголемувањето на даноците, а сето тоа ги оневозможило и здравствените работници да се справат со кризата во криза. 

– Менталното здравје е значително нарушено во Грција, особено со ширењето на депресијата, како резултат на економската криза – истакна Дуња Мијатовиќ, комесарката за човекови права во Европскиот совет, во извештајот објавен во ноември минатата година.

Во истиот извештај се наведува дека стапката на самоубиства во Грција пораснала за 40 отсто во периодот помеѓу 2010 и 2015 година, а организацијата за ментално здравје Климака забележала зголемување на бројот на повици на линијата за помош, од 30 отсто.

Грција нема висока стапка на самоубиства (пет на 100 илјади жители) во однос на европскиот просек (15,4 на 100 илјади жители) според Светската здравствена организација, но се претпоставува оти голем број на самоубиства поминуваат непријавени бидејќи грчката православна црква одбива да пружи погребални услуги на луѓето што си го одземале животот.

Грчкото министерство за здравство воспоставило комитет за ментално здравје во ноември минатата година со цел за подигнување на свесноста за проблемот преку кампањи, како и за пружање на обука на надлежните здравствени служби за подобро препознавање на случаите на депресија.

Советот на Европа објави оти невработените, банкротираните бизнисмени и луѓето што не се во можност да се грижат за децата се меѓу најчестите пациенти во психијатриските болници, повеќето на возраст од 40 и повеќе години и без претходни знаци на ментални заболувања.

Здравствените експерти истакнуваат оти главните причинители на здравствената криза уште се присутни, и покрај напорите на надлежните грчки установи за справување со нив.

– Се додека има невработеност, несигурност и долгови, производите на финансиската криза, проблемот нема да исчезне. Се плашам дека ќе стане уште пострашен – вели докторот Илијас Сиорас, претседателот на синдикатот на здравствени работници на Грција. 

Парите што државата ги издвојува за справување со проблемот со менталното здравје се намалиле за двојно во периодот помеѓу 2011 и 2012 година, а буџетот дополнително се намалувал потоа со секоја наредна година. Министерството за здравство минатата година покренало проект според кој сите подрачја во Атина треба да имаат барем по една психијатриска болница или установа за справување со проблемите со менталното здравје.