Грција

Претставници и лекари од Националната организација за јавно здравје на Грција почнаа акција за тестирање на локалното население на 16 мали грчки острови, за да се стекне целосна епидемиолошка слика во пресрет на туристичката сезона.
Лекарите, на кои им помагаат волонтери-лекари и болничари од невладината организација „Аксион Хелас“, вршат молекуларни тестови, но и тестови за антитела. Ова е втора ваква активност, откако во првата беа тестирани жителите на четири мали острови.

Во период од една седмица, заклучно со 12 јуни, ќе се тестира локалното население од островите Куфонисиа, Анафи, Схинуса, Ираклиа, Донуса, Аморгос, Кинарос, Левитиа, Патмос, Агатониси, Арки, Липси, Псеримос, Тилос, Кастелоризо и Халки. Станува збор за мали острови, а од 16-те острови на кои се спроведува тестирањето, најголем е Патмос, со 3.047 жители.

Грција презема сериозни чекори за отстранување секаква можност за ширење на заразата со коронавирусот во пресрет на туристичката сезона, од која во најголема мера зависи финансискиот прилив во државата.

Официјалниот почеток на туристичката сезона во оваа земја се најавува за 15 јуни.

Подготвил Саше Таневски