Помош за справување со пожарите во Грција понуди и македонската влада

Грчките медиуми известуваат за шокантната слика што ја затекнале спасувачките екипи во грчкото одморалиште Мати. Тие пренесуваат за морничавата вест за пронајдените 26 тела во дворот на една таверна, која е лоцирана на работ на една карпа. Некои од луѓето, поради брзото ширење на пожарот, биле заглавени во своите автомобили и домови, додека, пак, за некои причина за смртта е давење, откако спас од огнената стихија побарале во морето

Малото приморско место Мати е целосно уништено од огнената стихија што завчера попладне го зафати подрачјето на грчкиот полуостров Атика. Билансот на жртвите, во најкатастрофалниот пожар што ја зафати Грција, е над 50 загинати и над 150 повредени лица, изгорени над илјада куќи и уништени над 300 возила. Многу од жртвите се пронајдени во областа меѓу Рафина и Неа Макри. „Епицентарот“ на огненото цунами бил во селото Мати, сместено 29 километри источно од Атина. Неколку стотици жители и туристи биле заробени во обрачот на пожарот, кој брзо се ширел, помогнат од силниот ветер што дувал во тој момент. Многумина се обиделе да побараат спас бегајќи кон морето или со возила по главните сообраќајници, но биле блокирани од огнените прстени и густиот чад.

Најмалку 50 луѓе ги загубија животите и над 150 се повредени во пожарите што од завчера беснеат во најголем дел во областа Атика. Меѓу повредените се повеќе од 88 возрасни лица, од кои 11 се сериозно, како и 16 деца, јавуваат новинските агенции.

Грчките медиуми известуваат за шокантната слика што ја затекнале спасувачките екипи во грчкото одморалиште Мати. Тие пренесуваат за морничавата вест за пронајдените 26 тела во дворот на една таверна што е лоцирана на работ на една карпа. Се верува дека настрадале во обид да побегнат од огнот и да се симнат на брегот. За жал, тие останале заробени на карпата над морето. Пожарникарите сведочат за друг случај за пронајдени јагленосани тела на родители што биле во прегратка со своите деца и така заедно гушнати го завршиле својот последен летен одмор. Тие биле пронајдени на удолницата од една карпа, која нема лесен пристап до морето, затоа што копното е на десетина метри над морското ниво.

За апокалиптичните димензии на пожарот што ја зафати Атика говори и грчкиот доктор Стељос Куварис, кој за една телевизија изјави дека сѐ уште се трага за евентуалните жртви или исчезнати лица.

– Сѐ се случи за еден час, можеби и помалку. Дуваше силен ветар и не можеше да се реагира – изјави тој за новинарските екипи.
Градоначалникот на Рафина, Вангелис Бурнус, изјави дека постојат и други луѓе што изгореле во своите домови или се водат како исчезнати. Меѓу повредените во Рафина има голем број што се во критична состојба. Градот Мати што е во непосредна близина е целосно уништен од пожарите. Државната телевизија ЕРТ јави дека рибари и крајбрежната стража спасиле најмалку 700 луѓе.

– Мати веќе не постои. Видов трупови и изгорени автомобили. Можам да бидам среќна што сум жива – изјави една жена што била непосреден сведок на уништувачката сила на огненото цунами.

Портпаролот на Владата, Димитрис Ѕанакопулос, соопшти дека Атика се соочила со многу тешка ноќ. Загинатите, главно, се пронајдени во источниот дел на областа, каде што некои од луѓето, поради брзото ширење на пожарот, биле заглавени во своите автомобили и домови, додека пак за некои причина за смртта е давење, откако спас од огнената стихија побарале во морето.


Медиумите во регионот ја пренесуваат и изјавата на еден маж што бегал пред пламените јазици и животот го спасил со скок во море.
– Жештината на воздухот ни ги „испече“ грбовите пред да скокнеме во морето. Самиот на си реков себеси дека мораме да се спасиме. Бегавме далеку колку што можевме побрзо – изјавил сведокот Костас Лаганос.

Во акцијата за спасување на месното население, а меѓу нив и многу странски туристи, се вклучиле жителите од околните места, кои со приватни чамци и бродови ги извлекувале од огнениот обрач. Спасувањето се одвивало по морски пат, за што биле вклучени и бродови од редовните линии меѓу Атина и грчките острови, како и воени бродови од Министерството за одбрана на Грција и на грчката крајбрежна служба.
Според заменик-министерот за поморство, Некатариос Санторињос, вкупно 639 лица биле спасени, додека пак според министерот за одбрана на Грција, воената фрегата „Ели“ спасила 72 лица.


Тешка ноќ за Грција

Грција побара меѓународна помош, преку механизмот на ЕУ, а позитивно одговориле Шпанија и Кипар. Помош ќе добие и од САД, по упатеното барање од министерот за одбрана.
Грчкиот премиер ја прекина посетата на Босна и Херцеговина и не учествуваше на манифестацијата во Мостар, туку се врати итно во Атина. Кратко пред полноќ, Алексис Ципрас го посети центарот за справување со кризи на грчката противпожарна служба, каде што со министрите од Владата одржа состанок и беше информиран за ситуацијата, по што рече дека е тешка ноќ за Грција.
Премиерот Ципрас вчера прогласи три­дневна жалост за жртвите од пожарот


Пожарите биле подметнати?

Заменик-министерот за внатрешни работи Никос Тоскас навести можност дека пожарите се подметнати. Пожарите биле дополнително поттикнати со силни ветрови, кои достигнувале налети од повеќе од 60 км/час, додека топлотниот бран што ја зафати државата ги подигна температурите над 40 Целзиусови степени.
Првиот пожар избувнал во понеделникот претпладне, во боровата шума на летувалиштето Кинета, 55 километри западно од Атина. Тој продолжил да гори и со помош на ветрот напредувал во ширина од неколку километри, спуштајќи се кон морето, на работ на автопатот кон Коринтскиот Залив и Пелопонез. Вториот пожар се јавил на источната страна на Атина, кај местото Каламос.