Лицата од Авганистан, Бангладеш, Пакистан и Сирија повеќе нема да имаат право да бараат азил во Грција ако дојдат преку Турција, изјави грчкиот министер за миграција Нотис Митарачи.

– Ова е важен чекор во борбата против илегалната миграција и криминалот поврзан со криумчарење луѓе – рече Митаракис, додавајќи дека Турција е безбедна земја каде што луѓето можат да поднесат барање за азил.

Новата политика се заснова на договорот меѓу Турција и ЕУ од 2016 година, според кој Турција се обидува да се бори против илегалната миграција во ЕУ, а на Грција и’ е дозволено да испраќа мигранти во Турција кои доаѓаат на егејските острови без дозвола.

За секој Сириец што е на тој начин вратен во Турција, ЕУ дозволува пристигнување во Унијата на еден сириски мигрант од турските кампови. Европската унија исто така потпиша дека ќе и’ обезбеди финансиска помош на Турција во грижата за бегалците.

Извори на грчката крајбрежна стража рекоа дека последната објава треба да им даде до знаење на поединци од тие земји дека нема да им биде дозволен влез во ЕУ без претходна дозвола.

Се намалува бројот на мигранти кои живеат во бегалски кампови на грчките острови. Најновите податоци покажуваат дека помалку од 9.000 луѓе живеат на островите Лезбос, Хиос, Кос, Лерос и Самос. Минатата година тој број беше повеќе од 40.000.