Грчките земјоделци одбија дијалог со министерот за земјоделство, му порачаа дека тој и Владата не се на нивна страна и повикаа засилување на блокадите, јави дописничката на МИА од Атина.

Со поставената блокада и паркираните камиони и трактори, од понеделникот, во близината на градот Лариса, затворен е автопатот Солун – Атина во двата правца, а сообраќајот е пренасочен по споредни и локални улици.

Земјоделците од цела Грција, в недела напладне ќе одржат состанок, на кој ќе разговараат за следните чекори и ќе донесат одлука за блокадите и протестите. Дотогаш, не се откажуваат од своите барања.

– Комитетот на блокадите од цела Грција ги повикува земјоделците и сточарите да ги засилат блокадите за како оружје да ги имаме поддршката и солидарноста за да го зајакнеме притисокот кон Владата и да ја принудиме да ги задоволи нашите праведни барања – соопштуваат земјоделците.

На автопатот Солун – Атина, во близината на Лариса беше поставена најголемата блокада, а слични такви имаше и на уште 13 различни места низ цела Грција.