Една 53-годишна жена во Грција е осудена на 10 години затвор, бидејќи 20 години работела како хигиеничарка со фалсификувана диплома за завршено основно образование.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, жената, која го немала завршено последното одделение од основното училиште, во 1996 година за да конкурира за вработување како хигиеничарка, го фалсификувала свидетелството за петто одделени и го направила како да е за шесто, за да ги исполни условите за вработување. Во Грција основното училиште трае шест години.

Нејзиниот адвокат изјави дека на 53-годишната жена и била неопходна работата за да може да ги издржува нејзините деца.

– Разликата е во тоа што овде станува збор за хигиеничарка. Не е некој доктор кој доставил лажна диплома или некој инженер. Има завршено петто одделение, дали завршила петто или шесто одделение, нејзината работа беше иста. Не менуваше ништо, немаше никаква разлика – вели адвокатот на хигиеничарката Јоргос Синелис.

На неговиот официјален Твитер профил реагираше и потпретседателот на Европскиот парламент и шеф на групата европратеници од СИРИЗА, Димитрис Пападимулис, кој коментира дека 10 години затвор доби хигиеничарка која лажела дека завршила основно училиште за да најде работа, додека вон затворите „од здравствени причини“ се моќни луѓе со тешки казни.

Со соопштение излезе и Здружението на хигиеничари од периферијата Магнисија, кои велат дека жената 20 години работела и за тоа добивала плата, не украла ништо и не злоупотребила државни пари. Тие бараат 53-годишната жена да биде ослободена, бидејќи „не е криминал некој да работи“.