Повеќе граѓански организации побараа од шефот на албанската држава, Илир Мета, да не го потпишува законот за уривање на Националниот театар.

Во писмото упатено до Мета тие ги наведуваат причините зошто на овој закон не треба да стои неговиот потпис и бараат итна средба со него.

– Усвоениот закон, само со гласовите на владејачкото мнозинство, е во спротивност со уставните и моралните начела. Објектот на Националниот театар, како здание старо речиси еден век, има преживеано војни, што го прави директен претставник на културното и национално наследство. Овој закон ги прекршува уставните начела на еднаквост пред законот и е во спротивност со начелата предвиени во член 4 став 1 од Уставот – стои во писмото упатено до Мета.

Претседателот Мета претходно имаше средба и со делегација на албанските актери, кои се категорични во тоа дека објектот треба да остане.

Поддршка имаат и од опозицијата, која го обвини премиерот Еди Рама дека на местото каде што сега е театарот планира да гради висококатници преку кои, како што тврди, „ќе ги пере парите стекнати од дрога“.

Националниот театар се смета за еден од најубавите и најзначајните објекти по кој е препознатлива албанската метропола.

Тој е дело на италијанскиот архитект Џулио Берте, почнал да се гради 1938 по барање на албанското кралско семејство, а бил изграден следната година.

Целиот комплекс „Национален театар“ oпфаќа површина од 13 илјади квадратни метри, а на седум илјади е објектот во кој освен тетарот се и библиотеката, центарот на преведувачи, информативниот центар и слично.

Владата најавува изградба на нов објект за театарот на друга локација.