Кај граѓаните во Хрватска постои презир кон политичката и економската елита, а за повеќето од нив, средната класа е попосакувана „дестинација“, затоа што таа се смета за класа во која луѓето живеат добро, покажува истражувањето за стратификација на хрватското општество

Хрватска

Повеќето од половината граѓани во Хрватска се особено ранливи во кризни состојби, како што се периодот на епидемијата и по земјотресите. На врвот на хрватската општествена пирамида е малата класа на општествено привилегирани граѓани, кои најлесно ги пребродуваат кризните периоди предизвикани од епидемијата и земјотресите. Значителен дел граѓани се во средината, а мнозинството се на дното на класната хиерархија. Искажано во проценти, на врвот се заседнати припадници на малобројната класа (12 отсто), под нив е средната класа со 29 отсто, потоа е најмногубројната работничка класа со 44 отсто, а на самото дно е нижата класа со 15 отсто. Ова се податоците од истражувањето „Општествената стратификација во Хрватска: структурни и субјективни аспекти“, на научниот тим од Универзитетот во Задар, кое е работено во претходните три години, во кое учествувале испитаници од различни групи граѓани, пишува „Вечерњи лист“.
– Нашето истражување за класната стратификација не го следи само односот на богати и сиромашни. Класната нееднаквост не ги вклучува само остварените приходи. Кога зборуваме за класа на врвот, која живее подобро од другите, подразбираме дека можат да си дозволат приватни услуги во здравството, имаат поголема автономија во работата, патуваат, имаат поширок круг на познанства и често се членови во стручни и културни организации. Овде не мислиме само на финансиски подобро ситуираните Хрвати туку на оние со најголемо количество на сите видови капитал – економски, општествен и културен – објаснува раководителката на истражувањето Коран Долан, професорка на Одделот за социологија на Универзитетот во Задар.

Во оваа класа на врвот се луѓето што имаат плати над хрватскиот просек, поседуваат заштеда и недвижности во вредност од 108.000 евра. Тоа се претежно високообразовани лица и живеат во градовите. Родителите на лицата во оваа група биле високообразовани, што упатува на процесот на класна репродукција. Според професијата, во оваа класа се извршни директори, професори, лекари, адвокати и, секако, политичари. Најмногу се припадници од машки пол.
Средната класа во Хрватска ја сочинуваат медицинските сестри, малите претприемачи и чиновниците. Тие се со повисоко ниво на економски, културен и општествен капитал од работничката класа, но се помали од елитата. Постарата средна класа учествува со 14 отсто од испитаниците, а младата средна класа 15 отсто. Помладата средна класа е пообразована од постарата средна класа и зборува повеќе странски јазици. Заедничко за двете групи е што изјавуваат дека можат да ги задоволат своите потреби во семејството.
Најзастапена во Хрватска, како и во другите европски земји, е работничката класа, која учествува со 43,9 отсто од граѓаните. Но ова не е класична работничка класа што работи во фабрики, туку тоа се келнери, возачи, автомеханичари и помалку квалификувани професии. Во најголем тоа се лица со завршени занаетчиско образование. Нижата класа, во која спаѓаат 14,9 отсто од испитаниците, е со завршено основно училиште од руралните подрачја. Во оваа група се и повозрасни лица со ниски пензии, а според занимањата тоа се квалификувани работници во индустријата и земјоделството и нискоквалификувани работници. Во нижата класа поголем удел имаат жените.

Според резултатите од ова истражување, хрватското општество не е егалитарно, а таква е перцепцијата и на испитаниците. Дури 54 отсто од нив изјавиле дека има елита на врвот.
– Да се биде припадник на одредена класа не значи само дека можеш или не можеш нешто да си дозволиш. Класната припадност се објаснува и со срам, завист, презир, среќа, сигурност, несигурност и надеж. Ова не е прво истражување во кое се покажува дека во капитализмот работничката класа, која извршува клучни занимања за функционирање на општеството, почесто од другите класи, се чувствува неуспешно и анксиозно во поглед на својата работа или плата – вели Карин Долан.
Од истражувањата произлегуваат и неколку заклучоци. Кај граѓаните во Хрватска постои презир кон политичката и економската елита, во смила дека „тие не заслужуваат да имаат ги богатството и моќта со кои располагаат“. Второ, за повеќето од нив, средната класа е попосакувана „дестинација“, затоа што таа се смета за класа во која луѓето живеат добро.

– Ова не е присутно и во други меѓународни истражувања, кои покажуваат дека луѓето се понаклонети да се позиционираат во средината. Едно од објаснувањата е дека луѓето можат да ги видат и тие што живеат подобро или полошо од нив. Во нашето опкружување се луѓе со слични приходи или образование и затоа поголем број луѓе имаат впечаток дека се во средината. Но во нашето истражување се забележува дека третина од работничката класа се самоидентификува како средна класа, а 45 отсто од испитаниците во прашалникот навеле дека ѝ припаѓаат во работничката класа – вели професорката Долан, за „Вечерњи лист“.
Во искажувањето на класниот статус, испитаниците тргнувале од сопствениот степен на образование, занимањето, субјективната процена на економскиот статус, што од авторите на истражувањето се идентификува како индекс на „класна анксиозност“.
– Лицата со понизок степен на образование, работниците, кои „тешко спојуваат крај со крај“ и кои чувствуваат непријатност кога се споредуваат со другите според платата или работата, се посклони кон искажување на припадноста во работничката класа. Ова многу говори за општествената неправда – заклучува професорката Долан.