Извори од кабинетот на косовскиот претседател Хашим Тачи тврдат дека на наредната средба со српската страна во Брисел, што треба да се одржи во септември, ќе се разговара за барањето на Албанците од Прешевската Долина за обединување со Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Истите извори за весникот „Зери“ изјавија дека Тачи нема намера да се откаже од барањето за „корекција на границата“, кое интензивно го промовира последните неколку недели, а на што се спротивставуваат сите релевантни домашни и меѓународни фактори.

Претставници на опозицијата за весникот изјавија дека Тачи, со неговото инсистирање за промена на границите, влегува во „опасна авантура“.

Според нив, опцијата за корекција на границите, која ја промовира косовскиот претседател, а индиректно се поддржува и од високи инстанци во Белград, каде што се заговара размена на дел од српската територија со северно Косово, ја ослабува преговарачката позиција на Приштина и ѝ нанесува големи штети на државноста, која се градеше во изминатата деценија.

Министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ, по барањето од косовскиот премиер, Рамуш Харадинај, за почеток на обележување на границата меѓу Косово и Србија, рече дека меѓу Косово и централна Србија не постои граница, туку административна линија, па затоа до демаркација воопшто и не може да дојде.

– Тоа е театар за дома, заостанати се во времето. Не ги навредувам, бидејќи тие не ги следат случувањата во светот. Тие го одбележуваат роденденот на Клинтон, а големи промени се случуваа во меѓународната политика. Косово е фикција, која не постои во реалната меѓународна политика – наведе Дачиќ.