Како новина се воведува читање на лектирите во неколку продолженија

Најголеми реакции за новата листа на лектири имало околу изборот на детективски романи на Агата Кристи, а членовите на комисијата сметале дека нејзините дела треба да бидат дел од наставната програма

Делата на Агата Кристи нема да влезат во програмата за лектира за прва година во гимназиите во Србија, бидејќи овој предлог беше повлечен од стручната комисија поради негативните коментари во јавноста и забелешките од голем број професори по книжевност. Наместо книгите на британската авторка гимназијалците ќе ја читаат „Доротеја“ на Добрило Ненадиќ, пишува „Вечерње новости“. Според Дејана Милијиќ Субиќ, раководителка на Центарот за развој на програми и учебници во Заводот за унапредување на образованието и воспитувањето, измените ќе се применуваат од септември годинава за прво и за петто одделение во основното училиште и за прва година гимназија.

Намерата е да се осовременат програмите за лектири, кои не се менувани од 1992 година, а изборот на насловите останува во рамките на книжевната историја. Најголеми реакции имало околу изборот на детективски романи на Агата Кристи, а членовите на комисијата сметале дека нејзините дела треба да бидат дел од наставната програма, поради поврзаноста со другите видови уметности, како што е филмот.

– Имаше коментари дека делата на Агата се морбидни, што секако не е така. Истото тоа може да се каже и за Шекспир, Достоевски, Ман – изјави Милијиќ Субиќ за Танјуг. Наместо ова за лектири биле предложени „Доротеј“, а од современите на 20 век првата книга од трилогијата на Толкин „Господар на прстените“. Суштината на промените во изборот на лектирите за основно училиште и за гимназија се однесуваат на поинаков пристап на читање и проучување на книжевните дела.

Како пример се наведени „Антигона“ и Илијада“, кои гимназијалците ќе ги читаат во делови и ќе ги изучуваат пред сѐ културолошки и феноменолошки ќе ги поврзуваат со грчката митологија. – Насловите за гимназиите остануваат речиси истите од минатите години. Академските знаења што некогаш стекнувале не се доволни. Потребно е да се развие и друга вештина, а современите образовни системи, кои важат за успешни, укажуваат дека креативноста е вештина што го овозможува напредокот на човекот – вели Дејана Милијиќ Субиќ. Во лектирите за прво одделение ќе се најдат повеќе современи книжевни дела и кратки форми за да можат првачињата низ игри и асоцијации да усвојуваат нови идеи. Како новина се воведува читање на делата во неколку продолженија.

– Делата во прво одделение ќе се обработуваат во неколку часа во продолженија за да им се одржи внимание и вежба за паметење на книжевното дело. Се настојува текстовите за прво одделение да бидат кратки, полетни, сликовити и да предизвикуваат асоцијации што ќе се поврзуваат со нивното искуство – објаснува Дејана. Во програмата за основците остануваат препознатливите лектири „Доживувањето на Том Соер“ и „Робинскон Крусо“, додека Жил Верн е исклучен од листата за лектири.

– Ова не ги спречува наставниците да го препорачуваат и Жил Верн, но нашите истражувања покажуваат дека учениците нерадо ги читаат неговите дела затоа што денеска неговата фантастика не се доживува како во времето кога се пишувани книгите – вели Дејана Милијиќ Субиќ. Од септември годинава ќе се воведе и изборна лектира, од која наставниците во договор со учениците, ќе избираат три книжевни дела. Во дополнителната лектира ќе се најде и „Хобит“ од Толкин.