Земјите од балканскиот регион се ставени во незавидна состојба поради недостигот од конзистентна политика на Европската Унија и САД, различните сојузништва на државите и отсуството на вистински план на Русија, која не нуди никаква алтернатива, се дел од коментарите на политичките аналитичари по последните геополитички прераспоредувања на силите во светот. Последните денови се забележува некоја меѓународна дипломатска активност со која треба да се овозможи раздвижување на процесите за европското интегрирање на регионот од една страна, но и со истакнување на воено-политичките интереси на големите сили за балканскиот простор. За обидите за поблиско вклучување на земјите од Западен Балкан во меѓусебните „препирки“ меѓу западните земји и Русија говорат и последните протерувања на руски дипломати, но и одржувањето заедничките воени вежби, што би требало да значи и „формален“ доказ за приврзаноста на едната или на другата страна. Од разврската на актуелниот спор меѓу САД и Русија ќе зависат и политичката и воената иднина на Балканот, согласни се повеќе аналитичари.
– Поради тежината на конфликтот во 1990-тите, би било подобро сите држави во регионот да влезат синхронизирано во НАТО и ЕУ. На почетокот на 21 век ЕУ беше полетна и силна идеја. Беше јасно за земјите во транзиција дека НАТО-патот продолжува во ЕУ, без разлика на блокадите од европските бирократи, кои сега влегувањето во воената алијанса го исклучуваат како предуслов за европското интегрирање. Но начинот на кој функционира НАТО во основа е непроменет – оценува за „Ослобоѓење“ воениот аналитичар Александар Радиќ.

По брегзит, по длабоката криза на концептот на ЕУ и ударот од пандемијата со ковид, силно е нарушена девербата кон европската иднина. Многу луѓе од регионот станаа пасивни во однос на тоа дали треба да се влезе во ЕУ. Секако и односот на НАТО и ЕУ е нејасен, според аналитичарот Радиќ. Прашањето со Косово не е решено, Црна Гора поминува низ турбулентен период, а БиХ и Србија се оставени настрана.
– Тоа е пакет што сам по себе е проблем. Порано имавме црно-бела слика, но сега, со вклучување на странскиот фактор, имаме вистинска каша. Сега Русија се обидува да го држи регионот на дистанца, а Турција сака да влезе во регионот. Влијанието се одржува на дневно политичко и тактичко ниво. Но факт е дека Балканот е опкружен од НАТО и ЕУ – вели Радиќ.
Во однос на тоа што Русија им нуди како алтернатива на Србија и на БиХ, тој објаснува дека Москва ги користи силниот емотивен сентимент и економското влијание и цврсто го брани својот интерес во овој дел од Европа.
– Русија настојува со контролата на одредени луѓе и со создавање сојузништво со одредени политичари да води политичка и пропагандна и специјална војна на Балканот. Влијанието на Русија не е толку драстично, но е видливо, бидејќи Русија жестоко ги изразува своите политички ставови. Реакциите од западната страна се вообичаено ставени во некаква дипломатска обланда. Но, од друга страна, од набавките на вооружувањето може да се види суштината на надворешната српска политика. Природниот процес ги води неминовно сите во НАТО и тогаш доаѓаме до ситуација во која нема реален избор. Српската воена неутралност, која се одржува и во Република Српска, е базирана на дневната политика. Во практика, Србија има добри односи со НАТО. Постојат силни центри на моќ во власта што се обидуваат да создадат дистанца кон НАТО. Но општата слика е дека Србија повеќе сака кон Запад – објаснува Радиќ.
Флоријан Бибер, директор на Центарот за студии на Југоисточна Европа на Универзитетот во Грац, во емисијата на порталот „Европски Западен Балкан“, вели дека најголемата пречка на патот на Србија во ЕУ е состојбата со демократијата во земјата, како и дијалогот меѓу Белград и Приштина, за кој вели дека нема да се најде компромис во скоро време.

– Недостига способноста на ЕУ и САД да понудат поттик за која било страна. Последните години не гледаме и сигнали од претседателот на Србија дека е заинтересиран за компромис, а тоа е де факто признавање на Косово. Нема ни дефинирани ставови од Косово – вели Бибер.
Според неговата оцена, ЕУ нема што да ѝ понуди на Србија, затоа што Србија може сосема добро да живее со статускво-ситуација.
– Колку долго граѓаните може да живеат со тоа е сосема друго прашање. Владата вешто играше со своите надворешнополитички маневри во однос на Русија и Кина. Ова може да трае уште некое време, гледано од перспектива на српската влада – нагласува Бибер.
Воениот аналитичар Ѓуро Козар од Сараево за соработката на американските единици и војската на БиХ смета дека ова не е само вежба туку и силна порака на БиХ дека ја продолжува соработката со НАТО, наспроти претходниот став на Република Српска за воена неутралност.
– Оваа вежба, која е во рамките на Партнерството за мир, е показател за тоа колку е важно за Америка ова геополитичко подрачје, кое е разединето. Имаме Федерација БиХ, која е за НАТО, и РС, која е против пристапување, но е за соработка – вели Козар.