На бегалците и мигрантите од прифатниот камп „Диавата“ нема да им биде дозволено да заминат од таму, како ниту на оние од железничката станица во Атина да заминат за Солун – изјави министерката за цивилна заштита на Грција, Олга Геровасили, во интервјуто за грчкото радио „Њуз247“.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, Геровасили нагласи дека според нејзините информации лажната вест дека ќе биде отворена границата и балканската бегалски рута, преку социјалните мрежи ја прошириле криумчарите на луѓе.

Според Геровасили, имало обид за масовно поттикнување на бегалците и мигрантите, при што некои „продавајќи им лажна надеж се обиделе да извлечат пари“.

– Се прават големи напори и од Министерството за миграциска политика и од Амнести интернешнл и организациите кои соработуваат во миграциското и бегалското прашање, да ги информираат овие луѓе дека не треба дополнително да ризикуваат, дека од тоа нема ништо да добијат, дека нема да ја поминат границата и дека веројатно ќе ги загубат привилегиите што ги имаат за престој тука – изјави Геровасили, истакнувајќи дека бегалците и мигрантите не треба да ги користат своите деца како жив штит, само затоа што „некој им продава лажни надежи“.