Германската канцеларка, Ангела Меркел му ја честита победата на новиот грчки премиер, Киријакос Мицотакис, порачувајќи дека се радува на блиската и пријателска соработка во согласност со грчко-германското пријателство и партнерство.

Како што изјави портпаролот на германската влада, Стефан Зајберт, Германија се надева дека со Грција ќе ги развиваат билатералните односи со истата доверба и пријателство, со кое и двете земји ќе допринесат.

Запрашан како новата грчка влада ќе се однесува кон Преспанскиот договор, Зајберт изјави дека решавањето на долгогодишниот спор помеѓу двете земји е историски успех, како што и канцеларката Меркел нагласила во повеќе наврати.

Тој очекува дека и новата грчка влада конструктивно ќе учествува во процесот.

Канцеларката Меркел, според неговите зборови, им заблагодарила на досегашниот премиер, Алексис Ципрас и неговиот тим, истакнувајќи дека соработката помеѓу двете земји секогаш била заснована на доверба и почит низ годините исполнети со предизвик.