Даниел Митов, мандатарот за формирање на новата влада од победничката партија ГЕРБ на изборите во Бугарија, вчера му го врати мандатот на претседателот Румен Радев. Митов во претседателството беше придружуван од претседателката на парламентарната група на коалицијата ГЕРБ-СДС, Десислава Атанасова.
– ГЕРБ се обиде да ја формира новата бугарска влада, но се сретна со ароганција од другите партии во Националното собрание, од кои тој побара поддршка – пренесоа бугарските медиуми, повикувајќи се на извори блиски на Митов.
Од своја страна, бугарскиот претседател Радев се заблагодари за напорите направени за формирање влада. Тој коментираше дека во наредните денови ќе соопшти кога ќе ѝ го предаде мандатот на втората политичка партија Има таков народ на Слави Трифонов за формирање влада.

Шефот на државата изрази надеж дека овој пат времето ќе биде искористено за консултации и разговори меѓу партиите во 45-то Национално собрание.
Според законот, претседателот на Бугарија мора да ѝ го предаде испитувачкиот мандат на втората политичка партија, а доколку и таа не успее да формира владин кабинет, според своето дискрециско право, претседателот ќе ѝ го предаде мандатот на трета партија.
– Јас сум убеден дека одбивањето на Демократска Бугарија и Има таков народ воопшто да разговараат со ГЕРБ за поддршката на Владата е поради страв. Партијата на Слави Трифунов нема да формира влада затоа што нема капацитет за тоа – убеден е Бојко Борисов.
Бугарската социјалистичка партија (БСП) објави дека ќе гласа против предлогот за нова влада на ГЕРБ, а ќе ја поддржи онаа на Слави Трифунов, но нема да учествува во неа.