Поради влошување на епидемиолошката состојба со коронавирусот, српската влада донесе уредба со која се прогласува вонредна состојба во четири града: Нови Пазар, Крагуевац, Врање и Тутин. Во овие места од вчера е забрането собирање повеќе од пет лица затворен и отворен простор, забрането е организирање свечености, спортски и други манифестации, а работното време на угостителските објекти се ограничува од 7 до 20 часот. Во сите затворени објекти е задолжително носење заштитна маска и почитување физичка дистанца од два метра.

Состојбата со ширењето ма заразата е неповолна и во Белград. За синоќа беше најавено обраќање на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој ќе ги најави новите мерки за заштита во главниот град на државата. Како што информираа медиумите, се очекува тој да прогласи полициски час или вонредна состојба во Белград, односно негово затворање за влез и за излез.
– Во последното деноноќие во тријажната амбуланта на Инфективната клиника во Белград се прегледани 290 пациенти со симптоми на ковид-19. Најмногу од нив се млади лица од 30 до 50 години, кои доаѓаат со сериозна клиничка слика и воспаление на белите дробови.

Мал број пациенти се со лесна клиничка слика, кои се следат амбулантно и кои може да бидат во домашна самоизолација – изјави вчера Горан Стевановиќ, директорот на Инфективната болница.
Од вкупниот број на тестирани лица во Србија, повеќе од 80 отсто се заразени лица од Белград.