Српскиот претседател Александар Вучиќ ја оцени како „избрзана и нервозна” одлуката за министерот за одбрана Александар Вулин дека не е добредојден во Хрватска, додавајќи дека не ја разбира.

– Ние ќе реагираме со реципрочни мерки. Какви мерки ќе преземеме ќе одлучи српската влада на седницата в четврток – изјави Вучиќ по приемот по повод Денот на армијата на Србија.

Тој потсети дека за време на неговата последна посета на Хрватска, ветил дека 100 дена нема да каже ниту еден лош збор.

– Мислам дека тоа е до 26-ти мај. Нема да кажам ниту еден лош збор, особено навредлив – повтори Вучиќ.

Српскиот претседател порача дека, без оглед на најновите случувања, Србија ќе продолжи да гради добри односи со Хрватска.