Партиите од парламентарната опозиција се поделени околу ставот дали да се учествува на седницата, која му е посветена на Косово

В понеделник во Собранието на Србија ќе биде одржана посебна седница за Косово, на која Александар Вучиќ ќе говори за тоа кои се позициите на Белград по шестгодишните преговори со Приштина. Како што пишува „Политика“, српскиот претседател ќе ги објасни плановите за продолжувањето на преговорите, но можно е да бидат предложени и контрамерки, по едностраното воведување високи царини за српските производи од страна на косовските власти. Една од опциите е на седницата, која е закажана за 27 мај, да биде отфрлена приштинската резолуција за наводен геноцид на Србите на косовската територија.

Ставовите на официјалните претставници на српската страна се дека Белград ги исполнил сите обврски што се предвидени со потпишувањето на Бриселскиот договор во 2013 година. Полицијата, судовите и обвинителството во Косово почнаа да работат во рамките на законите на приштинските власти. Потоа беше дадена согласност Косово да добие сопствен повикувачки телефонски број за географска област, а српските регистарски таблички и возачки дозволи да важат на целата територија на Косово.

За разлика од Белград, Приштина не исполнила ниедна преземена обврска, како што е и формирање заедница на српските општини, а беа преземени и еднострани потези за трансформација на косовските безбедносни сили во војска на Косово, без согласност на српските пратеници. Приштина воведе и царинска такса од 100 отсто за производите од централна Србија, со што беше блокирано продолжувањето на дијалогот. Дополнителен потег за тоа беше и донесувањето на резолуцијата за наводен геноцид на српската војска и полиција над Албанците на Косово, пишува „Политика“.

Партиите од парламентарната опозиција се поделени околу ставот дали да се учествува на седницата, која му е посветена на Косово. Лидерот на ЛДП Чедомир Јовановиќ вели дека неговите пратеници ќе учествуваат во јавната расправа, додека партиите што го сочинуваат Сојузот за Србија најавуваат дека нема да учествуваат на седницата, која е закажана за понеделник. Еден од лидерите на СЗС, Драган Ѓилас, е сигурен дека ниеден опозициски пратеник нема да присуствува на парламентарната седница на која ќе говори Александар Вучиќ. Бојкот најавија и од пратениците на движењето „Доста беше“. Претседателот на Двери, Бошко Обрадовиќ, најави дека нема да учествуваат во работата на парламентот додека не се исполнат барањата од граѓанските протести, кои се однесуваат на одржување фер и демократски услови.