Претседателот на Србија Александар Вучиќ на Твитер објави неколку реченици од синоќешното обраќање пред Советот за безбедност на ОН, заедно со неколку фотографии од седницата.

– Стравувам за иднината на српскиот народ на Косово, но и за целиот регион. Приштина ги загрози сите Срби со тоа што ги зголеми таксите на стока од централна Србија за 100 отсто, а правно оправдување за формирање на „армија на Косово“ не постои, напиша Вучиќ.

Претставниците на САД и Британија во Советот за безбедност на ОН ја поддржаа трансформацијата на Косовските безбедносни сили во армија, додека рускиот амбасадор рече дека „војската на Косово“ е закана за мирот во регионот, а амбасадорот на Кина повтори дека Пекинг го поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на Србија.

На истата седница на СБ на ОН, амбасадорите на Холандија и Франција повторија дека ја поддржуваат независноста на Косово. Сепак, според францускиот дипломат, одлуката за формирање косовска армија не доаѓа во добар момент со оглед на дијалот со Белград.

И амбасадорот на Холандија рече дека одлуката на Косово за формирање војска  доаѓа во чувствителен момент и оти двете страни мораат да покажат одговорност, да избегнуваат ексцеси кои би го поткопале понатамошниот дијалог и меѓусебната доверба и да покажат политичка волја за нормализација преку дијалогот во кој посредува ЕУ.