Српскиот претседател Александар Вучиќ вечерва во своето обраќање до јавноста информираше дека се слушнал со францускиот претседател Емануел Макрон, кој го замолил да се одложи предвидената посета на Србија за неколку недели, поради внатрешната состојба во Франција.

Тој ја информираше јавноста дека и по разговорите на еврокомесарот Јоханес Хан со косовските власти, Приштина не сака да отстапи и да ги укине воведените такси за Србија, се додека Белград не го признае Косово.

Вучиќ, повикувајќи се и на најавите од Приштина за формирање на косовската војска на 14 декември, изјави дека сите овие постапки на Косово го воведуваат регионот во најголема можна опасност.

– Србија нема да ја признае косовската независност, бидејќи така, со закани не се преговара со неа – изјави Вучиќ, прашувајќи „што доколку косовската војска навлезе во северно Косово?“.

Ние ќе бараме одговори од меѓународната јавност, рече Вучиќ додавајќи дека Србија ќе се консултира и ќе донесе одлука дали ќе бара и заседание на Советот за безбедност на ОН, поради сите овие мерки со кои се загрозува регионалната безбедност и „е во размери на катастрофа која доаѓа“.

Тој оцени дека Косово со сите неодамнешни мерки, кои се спротивни на сите меѓународни договори, покажало дека никогаш немало намера да води дијалог, а Србите на Косово ги повика да останат мирни.