Србија

Српскиот претседател Александар Вучиќ очекува со укинувањето на мерките на новата косовска влада да се отвори простор за дијалог по изборите во Србија закажани за 21 јуни.

Во интервјуто за Радио Слободна Европа (РСЕ), Вучиќ рече дека се откажал од големите иницијативи за решавање на косовското прашање, а со укинувањето на мерките од страна на Владата во Приштина е отворен просторот за дијалог.
– Со тоа се отвора можноста да почнеме да разговараме, доколку таа мерка остане и опстане подолго од неколку дена – рече Вучиќ, притоа додавајќи дека станува збор за суштинско прашање, односно прашање на слободен проток на стоката, услугите, луѓето и капиталот.

Српскиот претседател верува дека тоа ќе влијае добро врз економиите на Белград и Приштина, врз Србите и Албанците и ќе создаде некаков вид рамка за подобра соработка на двете бизнис-заедници.

– Секако, тоа ќе ја отвори и можноста за политички дијалог меѓу нас – рече Вучиќ.
Запрашан како ја гледа улогата на САД, а како на ЕУ во поглед на дијалогот, Вучиќ напомена дека не е логично за тоа јавно да говори.

– Ние се наоѓаме на европскиот пат, а од друга страна САД се најголемата светска сила и сега вие очекувате од мене да се замерам на едните или со другите. Премногу сме ние мали за да можеме да го направиме тоа и да ја доведам Србија во потешка ситуација. Тоа не ми паѓа на памет. Ние разговараме со сите – рече Вучиќ.

Српскиот претседател уште додаде дека секогаш ќе има такви на Балканот што ќе гледаат да им се додворат на големите, многу повеќе отколку да изградат подобри односи со своите пријатели или соседи.

Подготвил Саше Таневски