Партијата на Александар Вучиќ повторно ја врати евергрин-темата за реконструкција на Владата на Србија, особено по најавите од вечниот министер Расим Љајиќ, кој се најде на удар на конструктивниот опозиционер Војислав Шешељ, дека нема да биде во следниот министерски состав. Во фокусот на политичкиот вокабулар на Вучиќ повторно е и прашањето за нови вонредни парламентарни избори, кој до партиските соработници испрати порака да се подготвуваат за ново соочување со гласачите. Како што објави „Блиц“, новите избори би можеле да бидат распишани, затоа што Вучиќ не може веќе „да ги трпи притисоците и уцените на улицата додека се распнува српскиот народ на Косово“.

Со препознатливиот наратив за потребата од избори е вклучена и тешката машинерија за вести и информации со која се полнат режимските медиуми во изминатиот период. Сигурноста од гласови од избирачкото тело се одржува со „шиптарските“ закани и ширење на стравот од враќање на „жолтите крадци“ и враќање на земјата во мрачните години од минатиот век, пишува во текстот на „Дојче веле“.

Опозициски ориентираниот весник „Данас“ објави дека Вучиќ ќе повика на гласање „поради стравот од падот на рејтингот поврзан со нестабилната состојба на Косово“. Претпоставките за времето за одржување на предвремените избори се за напролет, 2019 година.

– Колку што јас имам информации, никој не разговарал на таа тема. Јас сум член на претседателството на СНП и никој не ми соопштил за постоење на таква опција – вели Владимир Ѓукановиќ за „Дојче веле“.

Главниот уредник на „Неделник“, Вељко Лалиќ, смета дека во овој момент ни самиот Вучиќ не е сигурен дали сака да оди на избори, но наспроти целосната блокада на односите со Приштина, изгледа дека решението за косовското прашање се наѕира за наредната година.

– Затоа изборите ми се чинат за реални. Не верувам дека Вучиќ ќе ризикува да оди на избори по потпишување каква било спогодба со Приштина. Има и иницијатива за големи измени во Уставот на Србија, од што се наметнува заклучокот дека се подготвуваат големи избори. Со најавеното повлекување од чело на партијата, тој на избирачите им се нуди како лична жртва, што е дел од нашата митологија. Може ли тој сам себеси да си ја укине функцијата и да се определи за канцелариски систем или да се прогласи за натпартиски претседател – нагласува Лалиќ.

Засега од опозицискиот партиски блок Сојуз за Србија се решени ваквите брзи избори да ги бојкотираат. Еден од лидерите на СЗС, Драган Ѓилас, порача дека Вучиќ не може да спроведува избори сѐ додека тие не се фер и слободни.

– Рејтингот на новоформираниот Сојуз за Србија е меѓу оние на напредњаците и на социјалистите. Ова ја прави мамутската коалиција на Вучиќ ранлива и отвора можност за формирање алтернативна владејачка коалиција. Со социјалистичката партија на Ивица Дачиќ секогаш имаме неизвесна состојба, но секогаш е во игра и Москва – заклучува Лалиќ во разговор за „Дојче веле“.