Договарање за некој иден регионален собир за Косово

Новите средби на српскиот претседател Александар Вучиќ, со високите државни претставници на Германија и на САД, не придонесоа за ништо ново од она што претходно се знаеше, а тоа е дека дијалогот меѓу Белград и Приштина треба да
продолжи

Српската политичка јавност со големи очекувања го испрати претседателот Александар Вучиќ на пат за Њујорк, каде што требаше да се сретне со германската канцеларка Ангела Меркел, на која ќе се разговараше за излезното решение во спорот со Косово. Наместо со конкретен одговор за надминување на проблемите меѓу Белград и Приштина, српскиот претседател се враќа дома полн со импресии од „пријателскиот прием и разговор“ со Меркел, кои не му оставиле никакви сомнежи дека „Европа сака решавање на овој проблем, а на тоа особено инсистира и Германија“! Новите средби на Вучиќ со високите државни претставници на Германија и во САД, кои се одржаа во текот на Генералното собрание на ОН, не придонесоа за ништо ново од она што претходно се знаеше, а тоа е дека дијалогот меѓу Белград и Приштина треба да продолжат во некое идно време. Дури и најавата за одржување на регионална конференција е само возобновување на идејата за одржување на разнишаниот дијалог меѓу двете далеку спротивставени страни. Планот за одржување таква средба во Париз пропадна по регионалниот самит во Берлин, на кој дефинитивно ѝ беше ставен крај на идејата за разграничување и размена на територии меѓу Србија и Косово, за што силно се залагаше сегашната српска администрација предводена од Вучиќ.

– Планот и идејата на францускиот претседател Емануел Макрон и на германската канцеларка Меркел е да се направи регионален собир и да се тргне интензивно во разговорите меѓу Србите и Албанците – изјави Вучиќ, по средбата со германската канцеларка.

Тој искажа пофални зборови за Меркел, за која рече дека е голем лидер и оти покажува внимание за малите земји, но и дека Европа е нејзин проект, за што сака стабилност на долг рок. Меркел искажала подготвеност да го вложи целиот свој труд да ја зачува оваа стабилност и да се пронајде решение за Косово.
– Германија бара стабилност и од нас се бара да разговараме и да најдеме решение, а работите на Балканот да се забрзаат – рече Вучиќ.
Српскиот претседател не се сретнал со косовскиот претседател Хашим Тачи додека престојувале во седиштето на ОН во Њујорк.

– Не се видовме. Јас немам проблем да разговарам со него 1.000 пати. Да побараа, ќе се состанев со него. За жал, немаше таков повик – изјави Вучиќ, со забелешка дека Косово не е член на ОН, ниту има статус на набљудувач.
Средбите со американските претставници Филип Рикер и Метју Палмер, според српскиот претседател, се добра можност за да се запознае со американскиот план за Косово, пренесе Танјуг.

Косовскиот претседател Хашим Тачи во Њујорк разговараше со помошник-државниот секретар на САД, Филип Рикер, и со специјалниот претставник за Западен Балкан, Метју Палмер, за последните политички случувања на Косово, соопштија од кабинетот на Тачи.
Тачи, во рамките на средбата, го поздравил неодамнешното именување на Палмер на оваа позиција.

– Тоа е знак дека Вашингтон останува посветен на мирот и напредокот на Западен Балкан. Тоа нам, од друга страна, ни дава гаранција и вера во процесот на дијалогот со Србија и во евроатлантската иднина на земјата и на регионот – изјави Тачи.