Српскиот претседател и претседател на Српската напредна партија (СНС), Александар Вучиќ, завчера имаше состанок со околу 3.000 члена на извршниот одбор, а една од темите беа и вонредните парламентарни избори. Опозицијата во Србија, особено партиите од коалицискиот Сојуз за Србија сѐ погласно ја застапуваат тезата дека ќе ги бојкотираат евентуалните избори, сѐ додека не се обезбедат фер и слободни услови, како и правична застапеност во медиумите.

Членот на претседателството на СНС, Небојша Стефановиќ, за ТВ Прва ги потврди информациите за состанокот и изјави дека Вучиќ им кажал на присутните дека одлуката за вонредните избори не е ниту лесна, ниту брза, дека е поволен момент за партијата тие да се случат, но и дека треба да се гледаат пошироките интереси.
За време на говорот на Вучиќ пред членството на СНС, на самото спомнување на вонредни парламентарни избори имало бурен аплауз, што било порака на членството дека го сака тоа.

Во опозицискиот Сојуз за Србија најавуваат бојкот на наредните избори доколку не се подобрат изборните услови. Меѓутоа, сѐ уште не е јасно дали навистина ќе ги бојкотираат следните парламентарни избори. Кај опозициските лидери се наметнува прашањето што би се сметало за успешен бојкот, што би било и реален показател дали сегашната власт на напредњаците ја има довербата кај мнозинскиот дел од гласачите во Србија.

Доколку на наредните парламентарни избори одзивот биде меѓу 30 и 40 отсто или на гласачките места се појават помалку од три милиони луѓе, може да се каже дека бојкотот на изборите е успешен, велат истражувачите на јавното мислење за весникот „Данас“.

Бојан Клачар, извршен директор на Цесид, вели дека не постои одреден процент со кој би се докажала успешноста на бојкотот, затоа што, без оглед на одзивот, новата власт би можела да биде формирана. На тоа ги наведуваат примерите на изборите во некои општини, кога одзивот на гласачите бил под 40 отсто, но локалната власт била формирана.

– На владејачката СНС во интерес ѝ е одзивот да биде пристоен. Тие ќе ги вложат сите свои ресурси за повеќе луѓе да излезат на изборите. Над 40 отсто гласачи би било доволно за СНС да биде задоволна и да ги прикаже изборите за успешни и легитимни – објаснува Клачар.

Владимир Пејиќ, директор на „Фактор плус“, смета дека повеќе се зборува за тоа кои партии ќе го поддржат бојкотот, отколку за тоа колку луѓе ќе излезат на изборите. Просечниот одзив во изминатите изборни циклуси во Србија била меѓу 3,5 и четири милиони луѓе, односно околу 55 отсто.

– Сѐ што е над три милиони гласачи е успех за власта и обратно, помалку од три милиони од излезените е успех за опозицијата – наведува Пејиќ.
Ѓорѓе Вукадиновиќ од Нова српска политичка мисла забележува дека поради постоење на „вишок“ од неколку стотина илјади фиктивни гласачи на избирачкиот список, одзивот на изборите е многу понизок и се движи меѓу 45 и 55 отсто. Ова значи дека со бојкотот на опозицијата одзивот на предвремените парламентарни избори во Србија би бил меѓу 30 и 40 отсто.

– Се разбира, сето ова важи под претпоставка да нема злоупотреби од страна на власта и масовно полнење на гласачките кутии. Но колкав и да биде одзивот, формално не би била загрозена легалноста на изборот, затоа што нема определен цензус. На изборите, секако, би учествувале владејачката партија и нејзините сателити – вели Вукадиновиќ.

Директорот на секторот за истражување на јавното мислење „Ипсос стратеџиг маркетинг“, Марко Уљаревиќ, се повикува на најновото истражување, според кое одзивот на наредните избори може да биде сличен со оној на изборите во 2016 и во 2014 година, односно на гласање би излегле од 3,6 до 3,7 милиони граѓани. Одзивот на парламентарните избори во 2000-та беше 57,64 отсто, а на последните избори во 2016 година изнесуваше 56,07 отсто.