Заминувањето на УНМИК од Косово, како и формирањето војска на Косово, би ја довело Србија во ужасно тешка позиција, оцени српскиот претседател Александар Вучиќ. По повод писмото на американската амбасадорка во ОН Ники Хејли со кое бара повлекување на УНМИК од Косово, Вучиќ истакна дека САД сакаат да отстранат се што Обединетите нации претставуваат во Косово, бидејќи за нив Косово е независна и суверена држава.

– Очигледно е дека сакаат да ја отстранат и последната трага од Резолуцијата 1244 и меѓународниот правен поредок и да покажат дека нивната одлука била единствено можна и правно исправна, рече српскиот претседател.

Тој изрази надеж дека никој нема Србија да ја доведе во таа позиција, „уривајќи го меѓународниот-правен поредок за да покажат дека можат да направат што сакаат во светот“.

Тој оцени дека формирањето војска на Косово би претставувал голем и речиси нерешив проблем и за Србија и за регионот и апелираше на меѓународната заедница, посебно на САД, да обрнат внимание на најавите на албанските политичари дека тоа ќе се случи до крајот на годината.

Американската амбасадорка во ОН Ники Хејли испратила писмо до генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш во кое бара УНМИК да се повлече од Косово. Писмото, во кое Танјуг имал увид, го испратила на 9 октомври, истиот ден кога објави дека се повлекува од функцијата амбасадор на САД во ОН.

Без редовна ревизија на мандатот и мисијата на УНМИК, „надворешните политики и страните на штетни интереси” ќе продолжат како заложници да го држат времето и важни ресурси на ОН поради што бара од Генералниот секретаријат да искористат влијание и да иницираат излезна стратегија за УНМИК.

-Со преземање такви чекори, Советот за безбедност на ОН ќе може да го процени и оцени присуството на мисијата на ОН во Косово, како што се прави за сите мировни мисии. Со преземањето на тој чекор ќе ја подобриме нормализацијата на односите Србија-Косово и нивната заедничка цел за интегрирање со европските соседи. Уверена сум дека таквата проценка на работата на УНМИК и излезната стратегија ќе го зачуваат интегритетот на вашите големи напори во спроведувањето на мировните мисии, напиша Ники Хејли.

Кога мировните мисии на ОН прават добра работа, земјите во кои се наоѓаат се во состојба да прекинат конфликт, да воспостават демократски политички процеси и развијат сопствени капацитети.

-Веќе многу години мисијата на ОН во Косово даваше пример за успешна мисија која решава сложен конфликт. Успехот на Косово, обележан со десетгодишнината од прогласувањето на независноста, треба да биде причина за прославата и симболот на големиот придонес што ОН го даде за зачувување на мирот и стабилноста во Европа, нагласува Ники Хејли.