За српскиот претседател приказните со кои се предлага за Косово да се примени моделот на Кипар и на Хонгконг се лажни и во исто време тие ги отежнуваат српските позиции во преговорите за наоѓање трајно решение за косовскиот проблем

На претседателот на Србија Александар Вучиќ му претстои напорна и неизвесна недела во која треба да се соочи со највисоките меѓународни претставници со кои ќе разговара за деблокада на дијалогот со Приштина, кој подразбира и прифаќање на некое решение, кое би водело до признавање на Косово. Како најзначајна се смета средбата со германската канцеларка Ангела Меркел, која, се чини, го има главниот збор околу расплеткувањето на косовскиот јазол. Пред патувањето во Њујорк, српскиот претседател се соочи со домашните политичари, кои ги реафирмираа идеите за надминување на спорот со приштинските власти, а претседателот на поранешниот претседател, Воислав Коштуница, го враќа во игра моделот на Хонгконг. Во контекст на најновите настани, агенцијата Танјуг објави информација за тоа дека Александар Вучиќ патува во САД, со намера да ја плати најмалата можна цена за Србија.

Претседателот на Србија Александар Вучиќ експресно одговори на предлогот на Коштуница и рече дека предлозите во случајот за Косово да се примени моделот како за Хонгконг се нереални и непримерни.
– Многу ги почитувам претседателите, Тадиќ, Коштуница, Николиќ, но моето прашање е што значи тоа: Kако за Хонгконг? Да ја изнајмиме територијата на 100 години? – изјави Вучиќ.

Според актуелниот претседател на Србија, спорно е тоа кој ќе го прифати овој предлог од другата страна и со кого ќе се разговара од Албанците, кои веќе ја имаат „неизнајмената“ територија, а која ја добиле за време на мандатите на претходните претседатели. Бесмисленоста на оваа идеја се гледа и во фактот што во Хонгконг живеат Кинези, а во Косово 93 отсто од населението се Албанци, а не Срби, објаснува Вучиќ.

– Да престанеме да се лажеме себеси и да кажуваме бајки и да се однесуваме дека сме најголема сила на светот. Состојбата на Косово е многу компликувана и потешка. Да се потсетиме, за време на мандатот на Коштуница е направен погром над Србите, а во премиерскиот мандат е прогласена независноста на Косово – вели Вучиќ.
За него приказните со кои се предлага за Косово да се примени моделот на Кипар и на Хонгконг се лажни примери, кои во исто време ги отежнуваат српските позиции во преговорите за наоѓање трајно решение за косовскиот проблем. Претседателот Вучиќ најави и дека веднаш ќе поднесе оставка, доколку предлозите на опозицијата станат спроведливи и прифатливи за Приштина.

Обновувањето на старите идеи за Косово, кои беа претходно разгледувани од официјален Белград, се случуваат во пресрет на претстојната средба на средбата меѓу Александар Вучиќ и Ангела Меркел, која ќе се одржи по барање од германската канцеларка, во рамките на заседанието на генералното собрание на ОН во Њујорк. „Дојче веле“, пренесувајќи мислења на експерти од меѓународната политика, излезе со текст во кој се испраќа порака од Берлин дека е незадоволен од исполнувањата на Вучиќ, во поглед на реализирање на дијалогот со Приштина. Долгогодишниот дописник на германската новинска агенција ДПА од Белград, Томас Бреј, пред средбата за „Дојче веле“ оцени дека Меркел во премиерката Брнабиќ бара алтернатива за дијалогот со Вучиќ.

– Вучиќ не го заврши својот дел од премолчениот договор меѓу Белград и Западот, а односите меѓу Србија и Косово не ги доведе на посакуваното ниво, додека, за возврат, Западот премолчуваше за катастрофалната состојба во правосудството. Според медиумите во Србија, затоа што Вучиќ не го исполни својот дел од договорот, Меркел сега бара алтернатива во директен дијалог со премиерката Брнабиќ – вели Бреј.
Не случајно во српските медиуми „воскреснаа“ и предлозите на претходните владејачки структури во Србија како оној на Коштуница. Тој кажа дека предлогот би се засновал на моделот на Хонгконг, кој би бил компромис и би ги исклучил сите екстремни опции и дека бил успешен, одржлив и функционален.

– Надгледуваната автономија, за разлика од надгледуваната независност, е во согласност со Повелбата на ОН и Уставот на Србија. Со тоа ќе им беше овозможено на Албанците на Косово и Метохија сами да управуваат со својата иднина и да ги остваруваат своите интереси, а од друга страна Србија, во согласност со Повелбата на Обединетите нации, ќе ги задржеше суверенитетот и интегритетот – изјави Коштуница.
Ден претходно и претседателот на Партијата за слобода и правда, Драган Ѓилас, кој е еден од лидерите на сегашната опозиција во Србија, изјави дека неговата партија има план за решението за конфликтот на Косово и Метохија, а тоа е помирување со албанскиот народ. Но тој план предвидува во власта на Србија да нема место за Александар Вучиќ, како и од косовската политика да заминат Рамуш Харадинај и Хашим Тачи. За овој предлог Вучиќ рече дека тоа е уште една приказна со која се лаже српската јавност.

Претседателот на Србија се наоѓа под силен притисок на меѓународната заедница да прифати решение што ќе значи и признавање на независноста на Косово од страна на Белград. Досега Вучиќ многупати изјавувал дека нема да се согласи на решение, со кое нема да добие ништо што би значело корист за српскиот народ. Приврзаниците на актуелната политика на владејачката коалиција во Србија поделбата на Косово ја сметаат за голема придобивка, затоа што на тој начин српското население на Косово би било поврзано со матицата, а би ги добиле и економските стратегиски капацитети како што се „Газивода“ и „Трепча“. Ова се и аргументите на Вучиќ, за планот за разграничување со Албанците, за кој самиот велеше дека со досегашното решавање на косовскиот проблем „Србите првпат нема да изгубат“. Идејата за разграничување и размена на територии со Албанците, пропадна по преговорите во Берлин.

Засега, дијалогот меѓу Белград и Приштина е целосно замрзнат и се водат разговори за негово почнување, по спроведувањето на вонредните парламентарни избори на Косово, и укинувањето на високите царини за српските производи. Последната вест што ја објави српската агенција Танјуг е дека Александар Вучиќ ќе учествува на 74-то заседание на Генералното собрание на ОН, во чиј фокус ќе бидат климатските промени, а за српскиот претседател главна точка ќе бидат разговорите за решавање на косовското прашање „според најмалата можна цена“ за Србија.