Опозицијата го сонува македонското сценарио и му се моли на Бога дека исто како и Боки 13, ќе носат торби со по милиони евра и ќе им ги делат на обвинителите, чарлиевите ангели, кои би ги поставиле заедно со странците. Ова го изјави српскиот претседател Александар Вучиќ за „Политика“, коментирајќи ги условувањата на српската опозиција во однос на најавите за бојкот на престојните избори во земјата, пренесува „Б92“.

– Тоа нема да се случи во слободна Србија, денешна Србија – рече Вучиќ.

Српскиот претседател нагласи дека партијата која ја води секогаш била подготвена за дијалог, но никогаш за диктати наметнати од страна на опзицијата и меѓународните претставници.

– Тие фантазираат за формирање на преодни влади, за доаѓање на власт без избори и без одлука на парламентарното мнозинство. Србија е суверена земја и за таквите глупости можат само да ги сонуваат, а на власт ќе дојдат само кога ќе добијат мнозинската доверба на народот – додаде Вучиќ.