Претседателот на Србија Александар Вучиќ во пресрет на самиот во Лондон побара поддршка од германската канцеларка Ангела Меркел за создавање регионална економска зона на Балканот. Вучиќ посебно внимание посветил на унапредување на регионалната економска соработка и изградба на автопатот Ниш – Приштина и побарал од Меркел да се заложи со својот авторитет да се реализира овој проект. Создавањето економска зона, според Вучиќ, е од клучно значење за Србија и за другите земји во опкружувањето, бидејќи на овој начин би се привлекле повеќе инвестиции и би го забрзал протокот на луѓе, стоки, капитал и услуги, објавија повеќе српски медиуми.

Аналитичарот Дејан Вук Станковиќ, за „Вечерње новости“ вели дека честите контакти на двајцата лидери говорат во прилог на можноста многуте проекти за регионално поврзување и практично да се реализираат.
– Можностите за реализација на проектите растат доколку има поголем ангажман на Германија и нејзин притисок на другите земји во регионот. Регионалното поврзување на различните нивоа е составен дел на европската идеја и со такви проекти земјите од регионот се приближуваат кон ЕУ – вели Станковиќ.
Вучиќ минатата година предложи создавање заеднички економски пазар на Западен Балкан, кој би подразбирал и примена на заеднички такси, тарифи, царини, фискални давачки, заеднички програми за поттикнување на странските инвестиции. Според неговите процени, на овој начин вкупните странски инвестиции во регионот би се зголемиле од 4,5 на осум или девет милијарди долари.

Балканска унија, регионален Бенелукс, православен сојуз, словенска алијанса, царинска унија, нова Југославија, западнобалканска шестка (Г-6) беа само некои од термините што изминативе неколку години беа користени во медиумите и во изјавите на светските и на регионалните политичари како можни имиња-термини што би се користеле доколку се формира некој иден регионален сојуз на држави од Балканот, што би се интегрирале меѓу себе, слично на сегашната ЕУ или, пак, како некогашната СФРЈ.

Хронолошки гледано наназад, ваква иницијатива од овој тип беше објавена во февруари годинава, кога српскиот премиер Александар Вучиќ истакна дека стравува за стабилноста на регионот и повика на создавање „Царинска унија на сите балкански држави и територии“. Слично беше и на почетокот од 2016 година, кога руските медиуми објавија дека партијата на претседателот Владимир Путин, Обединета Русија, потпишала декларација за соработка со две политички партии во Црна Гора, нешто што сака да го направи и во други земји на Балканот и што треба да отвори пат за создавање балканска унија. Според овие тврдења, во Унијата треба да влезат „неутрални држави“, иако Црна Гора веќе преговара со ЕУ и е дел од НАТО. На листата на држави што треба да влезат внатре и до кои Москва испратила апел да се обединат се и Македонија, БиХ и Србија, заедно со Косово, кое Русија не го признава за независно.

Во 2013 година, пак, во медиумите беше актуелен терминот балканскиот „Г6-сојуз“. Оваа иницијатива прв ја изнесе тогашниот министер за надворешни работи на Црна Гора, Игор Лукшиќ. Идејата за поврзување на државите на Западен Балкан, која во јавноста ја изнесе Лукшиќ, предвидува во овој сојуз да бидат составен дел Црна Гора, Македонија, Србија, Косово, Албанија и Босна и Херцеговина, во нов концепт на регионална соработка.