Во Брисел се топи оптимизмот за брз договор меѓу Србија и Косово

За српскиот претседател Александар Вучиќ само една точка е неприфатлива за дијалогот со Приштина, а тоа е заемно признавање, и во тој случај тој ќе одбие средба со претседателот на САД, Доналд Трамп

Оптимизмот за брзо финализирање на преговорите за косовското прашање што специјалниот претставник на Европската Унија за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, го искажа пролетта по преземањето на оваа функција полека се топи. Преговорите што десетина години се водеа под покровителство на ЕУ, од средината на јули годинава беа повторно одмрзнати. Но по три подготвителни состаноци на експертско ниво се гледа дека меѓу преговарачките страни постојат истите проблеми. Од српската и од косовската страна остануваат на своите почетни позиции и на последниот состанок во Брисел. Марко Ѓуриќ, кој ја предводеше белградската делегација, и неговиот приштински колега Скендер Хисени искажаа заеднички став само за тоа дека „преговорите биле тешки и непријатни“. Останаа длабоките разлики во позициите, но овој пат двете страни се разидоа за проблемите на интерно раселените лица и бегалците, како и за статусот на нивниот имот.

Делегацијата на Приштина оценува дека другата страна одолжува со процесот за наоѓање конечно решение, со инсистирање на технички детали во одредени прашања.
Поголем исчекор од Србија и од Косово не се очекува ни во преговорите што се во организација на Вашингтон, а за тоа говорат и последните настапи на српскиот претседател Александар Вучиќ дека нема да прифати да се разговара за признавање на Косово, а тој може и да ја откаже средбата со американскиот претседател Доналд Трамп.
Прашањето за исчезнатите и раселените лица повторно ќе се врати на дневен ред на состанокот што е најавен за седми септември во Брисел, што ќе се одржи по разговорите меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Авдулах Хоти во Белата куќа во Вашингтон на 4 септември. Иако Ричард Гренел, специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп, објасни дека ќе се разговара за економски теми, во делегацијата на Србија не можеа да одговорат на прашањето на „Дојче веле“ во што е разликата од разговорите за „економските односи“ меѓу Белград и Приштина, што се под покровителство на Брисел.

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека Србија ја добила официјалната агенда за претстојните преговори меѓу Србија и Косово на 4 септември во Вашингтон и дека во неа е само една точка „која е неприфатлива“, пренесе Радио Слободна Европа.
– Единствена тема на меѓународната заедница кога станува збор за Косово, без разлика кои се агендите, е признавањето на Косово. Суштината е дека Авдулах Хоти и албанските претставници зборуваат дека одат по признавање во САД. Имаше и неофицијално изјави на лидери во регионот дека ќе морам да потпишам сѐ што ќе биде ставено во Вашингтон – вели Вучиќ.
Претстојниот дијалог во Вашингтон е тема и во Приштина. Во понеделникот на 24 август за дијалогот беше разговарано на состанок меѓу лидерите на владејачката коалиција на Косово.

Премиерот на Косово Авдулах Хоти од редовите на Демократскиот сојуз на Косово (ДСК) се состана со лидерите на коалицискиот партнер од Алијансата за иднина на Рамуш Харадинај и Социјалдемократската иницијатива (НИСМА) на Фатмир Лимај. По состанокот Лимај рече дека Косово е подготвено да учествува во дијалогот со Србија со јасни цели, додавајќи дека нема да се водат разговори на техничко ниво, туку дека ќе бара меѓусебно признавање на двете земји.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека очекува изненадување на претстојните преговори меѓу Белград и Приштина во Вашингтон, имплицираше дека тоа ќе подразбира заемно признавање на Србија и Косово. Во тој случај тој ќе одбие средба со претседателот на САД, Доналд Трамп. Тој на ТВ Пинк наведе дека во тој случај, „тој би бил или првиот претседател на Србија кому му е понудена билатерална средба со претседателот на Соединетите Американски Држави и дека би бил првиот претседател на Србија што го одбил тоа “.

Аналитичарот Стеван Недељковиќ, во изјава за Н1, рече дека одбивањето на таков состанок нема да помине без последици. Душан Миленковиќ, од Центарот за општествен дијалог и регионални иницијативи (ЦДДРИ), смета дека тешко е да се поверува дека Вучиќ може да биде изненаден на состанокот во Вашингтон, затоа што тој се подготвува подолго време.
Програмската директорка на германскиот институт „Аспен“ за Европа, Валеска Еш, потсетува дека во претходниот период постоеше извесна напнатост меѓу САД и ЕУ, но сега Вашингтон ја поддржува водечката улога на Брисел во овој дијалог. Таа како главна причина за одлуката на Берлин против идејата за менување на границите меѓу Косово и Србија го наведува ставот дека тоа би било видено и како решение во соседните земји.

– Наспроти некои застои, мислам дека процесот на преговори сѐ уште е жив и дека напредува. ЕУ колку и да е несовршена и натаму претставува асоцијација на заеднички интереси и вредности. ЕУ истовремено е и важен економски актер, така што земјите од Западен Балкан навистина би требало да се посветат на патот кон членството. Тие се веќе интегрирани во ЕУ, особено преку економијата – изјави Еш.