Српскиот претседател Александар Вучиќ не очекува голем напредок во преговорите со косовскиот претседател Хашим Тачи утре во Брисел, со посредство на високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини.

– Ќе се борам, за да не дозволам да не обвинат за запирање на процесот на преговарање и барање компромис. Дали очекувам голем напредок? Во такви услови, јас не очекувам ништо посебно. Ќе биде многу тешка атмосферата, но подобро е да се разговара, рече српскиот претседател денеска пред новинарите за време на посетата во Хелсинки.

Вучиќ истакна и дека очекува од ЕУ да гарантира исполнување на Централноевропскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА).

– Во Брисел ќе има многу тешки преговори и со претставниците на ЕУ, од кои очекувам гаранции за почитување на договорот за ЦЕФТА. Не може некој да се однесува како пијаница во авион, да ги отвора прозорците и вратите, рече претседателот, алудирајќи на најавата од владата на Косово за 10-процентно зголемување на царините врз сите српски стоки увезени во Косово.

Освен тоа Вучиќ изјави дека добил понуда од германската канцеларка Ангела Меркел за средба во Париз на 11 ноември.

– Добивме порака дека канцеларката Меркел сака билатерална средба со мене в недела наутро. Ова говори за значењето и местото на Србија, рече српскиот претседател.