Српскиот претседател Александар Вучиќ „не е многу оптимистичен” дека годинава ќе биде можно да се постигне договор со Приштина за нормализирање на односите.

Александар Вучиќ во изјавата за австриската агенција АПА изјави дека со сета сила ќе се бори за компромисно решение, но предуслов за продолжување на дијалогот е укинување на таксите кои властите во Приштина ги воведоа за српските производи.

Запрашан за предвремените избори во Србија поради протестите во земјата, Вучиќ рече дека “се уште нема дискусија за тоа”.

– Најважното прашање за нас е прашањето како ќе го решиме проблемот со Косово – рече Вучиќ.

Кога ќе продолжи дијалогот со Приштина, тогаш ќе можеме да се концентрираме на српската економија, која во моментов се развива добро, објасни Вучиќ, додавајќи дека тогаш ќе одлучи за изборите.

– Дали ќе се гласа за половина година или за една година е помалку важно – рече претседателот на Србија.

Вучиќ, кој се наоѓа на Минхенската безбедоносна конференција, синоќа телефонски разговараше со еврокомесарката Федерика Могерини.

Како што соопштија од неговиот кабинет, Вучиќ во разговорот го повторил ставот на Белград дека дијалогот може да продолжи само ако Косово ги укине таксите за Србија.

Тој и посочил на шефицата на европската дипломатија Могерини дека платформата за продолжување на дијалогот, која деновиве беше усвоена во Приштина, всушност е платформа против дијалогот и дека би било поискрено да се каже дека тие не се за дијалог воопшто, бидејќи она што го имаат напишано, не остава простор за компромис.

Во изјавата дадена за ТВ Пинк Вучиќ рече дека никој повеќе не разбира и не може да „фати” што се случува во Косово и што сакаат албанските политичари, бидејќи секојдневно даваат различни изјави, изјави за големата Албанија, такси и сѐ друго. ..

-Повеќе не можам да разберам која е политиката на Албанците, изјави Вучиќ.

Како што рече, тој се плаши дека „Албанците немаат контакт со реалноста и не разбираат што се случува во регионот и во светот“.

Вчера, американскиот претседател Доналд Трамп во честитката до Вучиќ по повод Денот на државноста на Србија, меѓу останатато порача дека „…на страните е да постигнат договор кој и двете можат да го поддржат и мислиме дека взаемното признавање треба да биде централен елемент на трајната нормализација на односите. Таков историски договор, со взаемно признавање во суштина, ќе изгради пат за евроинтеграцијата на Србија и економски раст…“,се наведува во писмото на Трамп.