Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска изјави дека научил многу од германската канцеларка Ангела Меркел и дека е горд на нејзината посета на Србија, бидејќи таа, како голем лидер и Германија како голема сила, покажале голема почит кон Србија.

Одговарајќи на новинарско прашање за коментар околу посетата на Меркел, Вучиќ рече дека има посебни емоции по тоа прашање, како и дека Меркел го иницирала Берлинскиот процес, што е поинаков и попрагматичен пристап во регионот.

– Научив многу од неа и за време на разговорот научив и разбрав поинаку и повеќе отколку што можев до вчера. И да бидам искрен, ми беше жал кога утрово замина, бидејќи не знам кога повторно ќе ја угостиме. Горд сум на она што таа го кажа вчера и на односот и меѓусебното почитување на големата Германија кон малата Србија – рече Вучиќ.

Српскиот претседател посочи дека Германија има 14 пати повеќе жители од Србија и дека БДП на таа земја изнесува 3,8 билиони евра, додека Србија годинава ќе има БДП од околу 52 милијарди евра.

– Таква сила да покаже почит кон една мала земја, со голем лидер како Ангела Меркел, јас сум среќен и горд како и сите граѓани на Србија. Тоа е само голем поттик за Србија да продолжи да работи вредно, почитувано и вредно и да биде уште поуспешна – заклучи Вучиќ.