По повод синоќешното соопштение на Соборот на Српската православна црква (СПЦ) дека „по никоја цена не смее да се доведе во прашање целосниот суверенитет и интегритет на Србија во Косово“, српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека го погодува „лошото мешање“ на СПЦ во политиката, запрашувајќи се „што од суверенитетот и интегритетот има Србија на Косово“.

– Што ни остана од 1999 година и од 2009 година и каде ни е војската, народот и која територија ние ја контролираме. Како тоа да го чуваме, праша Вучиќ, додавајќи дека луѓето се најважни за него.

Според него, целосниот суверенитет значи дека Србија има таму војска и полиција.

– Тоа е значењето на овие зборови. Се плашам дека ова е неодговорно. Нема да се коцкам и ќе го чувам нашиот народ, се разбира, но со тоа што се обидувате јасно да не сакате никаков компромис, се плашам дека нема да имаме за што да правиме компромиси, бидејќи неодговорната политика не доведе до оваа ситуација, изјави Вучиќ за ТВ Пинк од Хелсинки.

Соборот на СПЦ синоќа оцени дека Косово „никогаш не било, ниту може да биде само политичко прашање за чие решавање монополот го имаат единствено државните органи” и дека „по никоја цена не смее да се доведе во прашање целосниот суверенитет и интегритет на Србија во Косово и Метохија“.

– Каков било потпис кој би го овозможил признавањето на Косово, учеството во ОН или одрекување на Србија од Косово во која било форма, засекогаш би го укинало секое историско право на Србија на овие основни области на нашата духовност и државност, се наведува во соопштението по вонредната есенска седница на Соборот на СПЦ.

Инаку, Вучиќ пред вечерашниот состанок во Брисел со косовскиот претседател Хашим Тачи изјави дека не му е пријатно и не му е убаво да разговарам со него, но „подобро сто години да разговараме отколку и еден ден да војуваме“.

– Тоа е мојата работа … Мирот е важен, се друго не е за споредба, нагласи Вучиќ.

Се очекува двајцата лидери на состанокот да ја потврдат својата подготвеност за интензивирање на работата за постигнување на правно обврзувачки договор за севкупна нормализација на односите, кои се клучни за европскиот пат на Србија и Косово.

Последниот круг на дијалогот меѓу Белград и Приштина на највисоко ниво се одржа на 18 јули. Продолжувањето беше закажано за 7 септември во Брисел, но Вучиќ и Тачи тогаш не се сретнаа, туку одржаа само одделни состаноци со Федерика Могерина.