Кај политичките структури во Белград се препознава обид за релативизирање на разузнавачките активности на пријателска Русија, кои се насочени кон Србија

„Србија не сака во НАТО и таа останува воено неутрална. Затоа ги прашувам руските пријатели: Зошто? Не гледам никаква логика во сето ова“. Ова е изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ, по одржувањето на завчерашната итна седница на националниот совет за безбедност, по обелоденување на шпионската афера во која е вклучен руски разузнавач, кој наводно му предава пари на непознато лице од српска страна. Во обраќањето пред домашната јавност Вучиќ, со препознатлив речник за загрозените српски интереси, го искажа разочарувањето од дејствувањето на руските служби во Белград. Притоа, потсети дека „Србија е единствена земја што не вовела санкции кон Руската Федерација“ и единствена земја што одржува воени вежби со руската војска и со ништо не го загрозила пријателството со Русија.

По обелоденувањето видеоматеријал за настан што се случил во декември 2018 година, во настапите на српските официјални лица и безбедносни служби, се насетува намерата за релативизирање на целата афера за дејствување на руските шпиони во Белград, а тоа се гледа и поради брзината со која е потврдена автентичноста на снимката.

Службеникот и началник на аналитика во Безбедносната информативна агенција (БИА) Реља Жељски, се обиде да го амортизира фактот дека станува збор за рускиот шпион и додаде дека разузнавачката субверзивна работа, која се одвива на територија на Србија, не треба никако да се врзува само со Руската Федерација, пишува во текстот на „Дојче веле“.

– Напротив, и други големи сили, како САД, Велика Британија и Франција, но и регионални играчи како Хрватска и Албанија, многу интензивно работат на остварување на своите интереси, што секогаш во меѓународните односи и политика е очекувано – вели Жељски.

Оваа теза ја потврди и самиот српски претседател Вучиќ, кој посебно посочи на активностите на поединечни воени претставници, кои во униформи го посетуваат Санџак и разговараат за политички решенија со кои би се уривала Србија.
– Станува збор за претставниците на австриската, германската и бугарската служба – истакна Вучиќ.

Во овој драмски заплет што се случува со шпионската афера, Предраг Петровиќ, извршниот директор на Белградскиот центар за безбедносна политика, препознава обид на Александар Вучиќ да ја покрие другата афера, која се однесува на трговијата со оружје од фабриката во Крушик, во која се вклучени и блиски лица на актуелниот министер за внатрешни работи на Србија.

– Не е вообичаен ваквиот начин за објавување снимки за рускиот шпион, кој и така исчезна пред една година. По обраќањето на претседателот немаме никакви детали за овој случај. Немаме информации кои се лицата од српската страна, кои се тие лица, дали планирале напад или атентат. По седницата на национална безбедност добивме воопштени и неуверливи информации. Впрочем, во рамките на српската влада имаме некои луѓе што важат за „руски лица“ и не гледам дека за тоа се прави врева во јавноста – оценува Петровиќ.

Политичкиот аналитичар Душан Јањиќ, за весникот „Блиц“, вели дека разузнавачките служби се голема сила, а сите големи држави во регионот работат на територијата на Србија. Ова најмногу се однесува на Романија, Бугарија, Унгарија, Италија и Турција, која има големо влијание на Балканот.

– Главната причина за шпионажа во Србија се незавршените војни. Овде мислам пред сѐ на Косово и Метохија, но и на Македонија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Србија е интересна, за тоа што се наоружува, а и поинаку се позиционира во однос на периодот од 2012 година. Нашата земја нема толку геополитичко значење, колку што е важна нејзината географска положба – вели Јањиќ.