Ова не е трилатерален договор, туку билатерален. Третата страна не е призната како субјект на меѓународното право, изјави српскиот претседател, Александар Вучиќ, по потпишувањето на економскиот договор со Приштина во Белата куќа.

– Албанците рекоа дека ќе потпишат ако се врати 10. точка. Нема меѓусебно признавање, Србите може да воздивнат. Кога е во прашање ‘мини-шенген’ имавме некои забелешки, го мешаа со Шенжен, не разбравме баш ниту ние ниту Американците. Ова е добар договор за Србија. Искрено сум задоволен, како и сите членови на делегацијата, со тоа што го постигнавме – рекол Вучиќ, објави „Б92“.

Тој истакнал дека станува збор за билатерален договор со САД.

– Ова не е трилатерален договор. Разликата е важна. Ова е договор кој Србија го направи со САД, третата страна не е призната како субјект на меѓународното право, што е важно за нас – рекол српскиот претседател.

Според договорот, Косово една година нема да може да бара членство во меѓународни организации, а Србија нема да бара повлекувањето на признавањето на Косово од страна на други држави.

– Нашите домаќини мислеа дека треба да го повикаме Израел да ја признае независноста на Косово. Ние кажавме дека не можеме да го направиме тоа. Одигравме на следниов начин – имаме два договори. Ако ја почитувате Србија ние за една година ќе ја преселиме амбасадата кај вас, ќе покажеме почитување кон Израел, но нема да учествуваме во она што потпишаа со Албанците – рекол Вучиќ.