По седницата на Советот за национална безбедност, српскиот претседател Александар Вучиќ на прес конференција најави дека намерата на државата е да победи во најтешките форми на криминалот и корупцијата.

Вучиќ најави борба на пет нивоа и драконски казни за сторителите на кривични дела, вклучувајќи и доживотен затвор.Тој, исто така, најави и измена на казнената политика, особено за кривичните дела насилничко однесување и силување, педофилијата, убиствата на деца и трговијата со оружје и наркотици.

-Борбата ќе трае со години, ќе биде тешка, но ние ќе ги прегазиме криминалците – рече Вучиќ.

Тој нагласи дека ќе се воведе доживотен затвор за оние што извршиле најтешки кривични дела – повеќекратни убиства и убиства на деца, а потоа истакна и дека само државите на Балканот, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Северна Македонија немаат казна доживотен затвор, додека европските земји имаат.

-Сега сакаме и ние да имаме построги казни. Ние брзаме кон европските стандарди и ќе ги зголемиме казните бидејќи не сакаме да им падне на ум тука да се убиваат – рече претседателот Вучиќ.

Минималните и максималните казни за сите кривични престапи кои вклучуваат насилничко однесување, од семејно насилство до убиство, ќе се зголемат за 35 до 50 проценти.

– Казната за силување ќе биде од 5 до 15 години, без можност за олеснување на казната и никој нема да може да добие помалку од пет години казна, најави Вучиќ. За семејно насилство, минималната казна ќе биде една година затвор, кажа Вучиќ.

Според него, за производство и трговија со наркотици, повеќето од криминалците добивале казна испод законскиот минимум,т.е под шест месеци. Тој оцени вчерашната акција од страна на полицијата и обвинителството ја покажало намерата на државата, не само да се соочи со најопасните видови на криминал во Србија, туку и овој криминал, како и најтешките форми на корупција, да се победат.