Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека не е на повидок решение за косовското прашање и дека е илузорно да се очекува на 11 ноември во Париз, на прославата на Денот на примирјето во Првата светска војна, да се донесе решение за овој спор.

– Ние сме многу, многу далеку од постигнување компромис. Дури и сите други да се тргнат, иако се знаат нивните интереси и агенди. Па тие нас џабе не не бомбардираа и ја прогласија независност на Косово во 2008 година, за ова да помине без нив. Предуслов за кое било решение е договор помеѓу Србите и Албанците, а такво нешто, повторувам, воопшто не постои, изјави Вучиќ по посетата на Клиничкиот центар во Белград.

Тој ги негираше наводите на медиумите дека шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров и советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Болтон, постигнале договор за прашањето за Косово, додавајќи дека добил порака од министерот за надворешни работи на Русија дека ова е неточно.

– Тие разговарале за Косово, но се што треба некој да договори, мора прво да се договори со Србија. А ние сме многу далеку од какво било компромисно решение. И затоа сум многу загрижен од заканата за формирање на Војската (на Косово), истакна Вучиќ.

Говорејќи за неговите предлози за решение на прашањето за Косово, Вучиќ рече дека изнесувал „разни идеи на безброј места” и зборувал за неопходни компромиси, односно дека на Србија и е потребно нешто да добие, а не се да загуби, додавјќи дека за деталите нема и несака да зборува се, додека не добие конкретна понуда или идеја.

– Нема никогаш да донесеме ниту еден акт пред да го дадеме на проверка пред народот и Народното собрание. А дали ќе имаме нешто да провериме – се плашам дека не, истакна Вучиќ.