Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вчера изрази жалење што пропаднала неговата идеја за конечно воспоставување компромисна граница меѓу Србите и Албанците, а тоа српскиот народ скапо ќе го чини во наредните две-три децении.

– Сите што го правеа независното Косово, додека се разговараше за разграничувањето се правеа неискусни, затоа што не сакаа да кажат дека се за целосно независно Косово. За тоа се залагаат и овде, исто како и германската канцеларка Ангела Меркел и сите други, а тоа е независно Косово во неговите граници – изјави Вучиќ по вчерашната обиколка на работите на изградбата на мостот на Сава и Колубара.

Тој додаде дека неговите идеи пропаднале затоа што народот мислел поинаку, како и најголемиот дел од светот.

– Ова скапо ќе се одрази на нашиот народ и на нашата земја во иднина. Не сега, туку за дваесет или триесет години. Од тоа што ќе имам лична утеха дека некој ќе каже оти Вучиќ бил далекувид нема да имам корист – изјави српскиот претседател.