Белград верува дека влијанието на Европската Унија за решавањето на некои прашања е помало отколку на Москва и на Вашингтон

Последните постапки во српската надворешна политика покажуваат дека Белград сѐ повеќе акцентот го става во односите со САД и со Русија, иако не може со прецизност да се каже дека има некое големо свртување. Дојче веле во својата анализа посочува на неколку официјални дипломатски геста, кои сведочат за фокусираноста на политиката на Србија кон најголемите играчи на светската политичка сцена.
Првиот сигнал е забелешката на министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ за тоа дека состаноците со дипломатите од понизок ранг досега немале смисла и сега се бара патот до самиот врв во Белата куќа. Набрзо по оваа изјава дојде покана од претседателот на Србија Александар Вучиќ до американскиот претседател Доналд Трамп да ја посети Србија, а неговата покана веќе ја прифати претседателот на Русија Владимир Путин. Заклучокот од ова би бил дека Белград верува дека влијанието на Европската Унија за решавањето на некои прашања е помало отколку на Москва и на Вашингтон.

Горливиот проблем што ја мачи Србија е Косово и неспособноста на европските бирократи овој процес да го приведат до крајот за двете страни да бидат задоволни. Одредени српски политичари неформално говорат дека Брисел не прави ништо за да ѝ изврши притисок на албанската страна за исполнување на нивниот дел од обврските. Ова се однесува, пред сѐ, на групата земји што ја признаа независноста на Косово, иако некои од нив се правдале дека морале да го сторат тоа поради притисокот од САД. Затоа и најавените средби со Путин и со Трамп се гледаат како можност процесот за решавање на спорот со Косово да се помести од место.
– Мислам дека Србија препознава дека постојат два центра на моќ што можат клучно да влијаат на регионалната безбедност. Поради тоа, сега има обид за воспоставување директна комуникација и на маса да се стават неколку најважни прашања – вели Душан Пророковиќ, од Центарот за стратегиска алтернатива.
Новинарката Љиљана Смајловиќ за Дојче веле изјави дека новата надворешна политика на Србија е начин Западот повнимателно да ја сослуша српската страна на приказната за Косово и да се подразмисли за компромисот за кој српскиот претседател Александар Вучиќ постојано говори.
Медиумите во Србија на свој начин ја дочекуваат средбата Трамп – Путин и ја пренесуваат информацијата од домашните дипломатски извори дека двајцата светски лидери за Косово ќе разговараат една или две минути, но дека тоа ќе биде значајно. За тоа што може да се очекува од тој разговор Душан Пророковиќ забележува дали и воопшто ќе стане збор за Балканот.

– Доколку и ја допрат темата за Косово тоа ќе биде во контекст на кримското прашање, бидејќи Русија инсистира на аргументацијата за тоа дека косовскиот преседан може да се користи и на други места – оценува Пророковиќ.
Доколку и се случи Косово да биде на дневниот ред, во тој случај Путин би покажал дека Косово му е многу важно, како и Крим.
– Не мислам дека Путин ќе ја повлече поддршката за Србија и дека тоа ќе го искористи како џокер за размена за Крим. Тоа е фундаментално неразбирање на руската надворешна политика и на дејствувањето на Путин. Тоа што на дневниот ред на состанокот на Хелсинки српските дипломатски извори го ставаат и Косово е само подготовка на домашниот терен за тоа дека некое идно решение да се прикаже како договор меѓу Трамп и Путин, а не како српска подготвеност за отстапка – вели Смајловиќ.