САД и западните земји доставија план за решавање на косовскиот проблем до српскиот претседател Александар Вучиќ, пишува весникот „Блиц“ и наведува дека планот бил подобар за Србија од сите претходни, но оти сѐ уште не е прифатлив за Вучиќ.

– САД и западните земји ги доставиле своите начела и принципи, но за нас тоа не е доволно добро. Не можеме да добиеме ниедна општина, ЗСО ќе добие статус, но не се знае каков статус ќе има – изјави неименуван извор за „Блиц“, за кој весникот наведува дека е „запознаен со деталите од предлогот“.
Весникот пишува дека Вучиќ не е задоволен со планот и оти ништо не им одговорил на предлагачите.

Се напоменува и дека Западот го игнорирал ставот на државниот врв дека не постои прифатлива опција доколку Приштина добие сѐ, а Белград ништо.
– На масата на Вучиќ стигна повеќе од она што Србија го добиваше претходно, што во целата ситуација е позитивна околност, но тоа за него сѐ уште не е прифатливо. Свесен е дека ова е непристојна понуда од Западот со која тој не може да излезе пред граѓаните – наведува соговорникот за „Блиц“.
Во составувањето на овој документ, набројува весникот, учествувале помошникот на американскиот државен секретар за Европа и Евроазија, Вес Мичел, заменичката на високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Хелга Шмит и претставник на Велика Британија.