Србија се однесува како да има природно право да се меша во работите на соседните држави, на сите да им дава совети и да предизвикува тензии и проблем, пишува во коментарот на „Ал џезира Балкан“

Кој што прави, официјална Србија не се меша во внатрешните работи на соседните земји. Нема нешто поодбивно за српските политички функционери од ставањето нос во туѓите работи, а тие се згрозуваат од самата помисла за гледање во соседниот двор и со презир одмавнуваат со главата. На таков начин со доза иронија ја почнува својата анализа Томислав Марковиќ, објавена на „Ал џезира Балкан“
Веднаш по референдумот во Македонија се огласи претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој рече дека очекувал поинаква реакција на Европската Унија и на НАТО, кои ги поддржаа резултатите на референдумот наспроти малиот одзив на гласачите. Претходно, тој нагласи дека не е негово правото „да се меша во внатрешните работи на една суверена држава“.

Срамен пораз на НАТО и на ЕУ

– Се плашам и ми се чини дека некои луѓе од светот ги потценуваат нашите балкански народи и мислат дека сѐ е можно. Тие сакаат прво да пробаат со народот, а ако не им успее со народот, ќе се обидат со притисок врз пратениците. Ако не помине и тоа, не е важно, може и мора како што ќе кажат тие – изјави Вучиќ.
Навистина, тој Запад е едно големо зло, само вршат притисок врз балканските народи и ги наведуваат на самоубиствени потфати како што се евроатлантските интеграции, склучувањето на договорите со соседите за мирен соживот, отсуство на конфликти и економски просперитет. Ако народот не го сака тоа, не треба ни да се присилува да работи во сопствена корист. Важно е што претседателот на Србија знае многу подобро од самите Македонци што е подобро за нив, што македонскиот народ сака и што мислат оние што не излегоа на референдумот.

За разлика од умерениот претседател, медиумите што ѝ се верни на власта не беа толку воздржани. Напротив, малиот одзив на македонскиот референдум во српските медиуми е дочекан со радост, па доминираат славенички наслови од типот: „Срамен пораз на НАТО и на ЕУ во Македонија“, „Шиптарите и Заев на сила ја туркаат Македонија во НАТО“, „Битката е добиена, а војната допрва почнува“ или „Ако Заев не поднесе оставка, ќе избувне војна“. Сето тоа се убави примери за негување на добрососедските односи во стилот „на соседот да му цркне кравата“, забележува во својот текст Марковиќ.

Каква е официјалната политика на Србија кон Македонија јасно се виде во јуни годинава, кога Грција и Македонија на крајот постигнаа договор за името, со што е отворен патот за решавање на повеќедеценискиот судир што ја кочеше Македонија цело време. Никој од српските политичари не му честиташе на Зоран Заев за постигнатиот договор. И опозицијата премолчено премина преку овој договор како да не постои. Министерот за надворешни работи, Ивица Дачиќ, оваа воздржаност ја објасни со зборовите „Не честитавме, зашто нема што да честитаме“.

НА ДРИНА НЕМА ГРАНИЦА

Слична политика за немешање во внатрешните работи во соседните држави официјална Србија доследно спроведуваше и по повод изборите во Босна и Херцеговина. Државните функционери и верните медиуми со здружени сили го поддржуваа Милорад Додик, а наедно се редеа и нападите над Жељко Комшиќ, со што се фаворизираше неговиот противник Драган Човиќ, а се сатанизираше и опозицијата во Република Српска со обвинување дека работи против интересите на сопствениот ентитет, а за тоа биле корумпирани од Сараево. Едноставно се креираше приказната ако не победи Додик – ќе следува апокалипса.

Односот на Србија кон Босна најдобро го објасни заменик-претседателот на СПС за БиХ, Предраг Марковиќ, кога на Конгресот на партијата во Бања Лука гледајќи кон Дрина изјави дека „овде нема некоја граница, која е привремена, а претседателот на РС Милорад Додик е тука со сите нас да се потруди да ја избришеме“. Дека не станува збор за ексцес покажува и изјавата на шефот на социјалистите Ивица Дачиќ, кој изрази надеж дека Србија и Република Српска еден ден ќе бидат обединети. Ако не веднаш, тогаш во иднината, важно е само Србија малку да се прошири.

Каков е односот на Србија кон Црна Гора, се виде најдобро во случајот со патријархот на СПЦ Иринеј, кој рече дека денешната состојба на Србите во ЦГ може да се спореди со положбата на Србите во Хрватска во времето на НДХ. Претседателот Вучиќ повторно беше воздржан со објаснување дека „не може да го коментира она што го изјавил неговата светост“. Но затоа медиумите не го следеа примерот на претседателот, па отворија жесток оган со сето расположиво оружје кон Подгорица.
Александар Вулин и Ивица Дачиќ се специјализирани за потпалување на добрососедските односи со Хрватска, ја користат секоја можност да упатат „убав“ збор, главно со навредлива и заканувачка содржина. Омилена тема на министерскиот двоец е обновување на усташтвото во Хрватска, што би било во ред кога Вулин и Дачиќ би биле министри во Германија, а не на земја што го рехабилитира Дража Михајловиќ, а неговото четничко движење го прогласи за антифашистичко. Каков е односот на Србија кон Косово не е потребно да се споменува, а изјавите на српските политичари и поданичките медиуми упатуваат на тоа дека Албанците се архинепријатели, пишува Томислав Марковиќ.

Србија се однесува како да има природно право да се меша во работите на соседните држави, на сите да им дава совети и да предизвикува тензии и проблеми. Медиумските канонади со омраза кон соседите се редовна појава, а притоа државните официјални лица се претставуваат како чувари на мирот и стабилноста на Балканот. Меѓутоа, со голо око може да се види дека станува збор за лажно претставување, а најголемиот дестабилизирачки фактор на бившојугословенските просторите е всушност Србија.

Повторно се актуализираат темите за Велика Србија и за територијално проширување, повторно за загрозените Срби на сите страни. Ако така изгледа немешањето во внатрешните работи на соседните држави, не можеме ни да замислиме како би изгледало кога Србија би се вмешала во соседските работи и животи. Кога не војува со соседите, Србија самата си се доживува како фактор на стабилност на Балканот, се заклучува на крајот од текстот од „Ал џезира Балкан“.