Претседателот на Србија, Александар Вучиќ ги осуди синоќешните протести организирани пред Националното собрание, оценувајќи ги како „акт на политичко насилство“.

– Синоќа во Белград бевме сведоци на најбрутално политичко насилство во последните неколку години. Во изминатите осум години, Република Србија целосно ја почитуваше слободата на собирање и демонстрација, како и различно мислење. Синоќа, иако некои се обидоа да го оправдаат тоа со коронавирусот, бевме сведоци на политички протест којшто не беше пријавен, се случи луѓето што се со десничарска ориентација да ја нападнат зградата на Националното собрание и да влезат во неа, што значи да се извршат најмалку две кривични дела – рече тој.

Вучиќ додаде дека полицијата реагирала дури кога собраните лица почнале да ја вандализираат зградата на Националното собрание.

– Соочени со сето ова, полицијата презеде законски мерки. Пристојни и мирни луѓе можеа да видат како тие луѓе се однесуваа меѓусебно и како малтретираа полициски службеници. Пет полициски возила беа запалени, 43 полицајци беа повредени, а едниот има фрактура на черепот – рече Вучиќ, а потоа покажа и фотографии од полицајци, од кои некои биле нападнати со нож.

Српскиот претседател истакна дека е нанесена голема материјална штета, како и штета на угледот на Србија.

– Ги разбирам политичките фрустрации, но нема да дозволиме никој да го уништи мирот во Србија. Тоа е пораката до оние внатре и оние што се надвор – рече Вучиќ.