Во Тирана почна лидерската средба од процесот Брдо-Бриони, на која е и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Вучиќ денеска истакна дека Белград и Приштина во овој момент се со години оддалечени од можно решение за косовскиот проблем, пренесе „Танјуг“.

Вучиќ во своето обраќање на состанокот на лидерите од процесот Брдо-Бриони во Тирана, рече дека решение нема да се постигне за којзнае колку години.

-Тоа е лошо за српскиот и албанскиот народ, двата најголеми народа на Балканот. Сите ни викаа, не правете ова, немојте она, не ги менувајте границите и слично, секој го гледаше само својот интерес, иако се работи за важно прашање за нас, а не за некој друг, рече српскиот претседател.

Вучиќ кажа дека дијалогот меѓу Белград и Приштина е блокиран и тој се надева оти нема да се чека засекогаш за да се најде решение. Според него, дефинитивно ќе треба долго време да се најде решение за српско-албанските односи.

Вучиќ синоќа пристигна во Тирана, во атмосфера на напнатост предизвикана од изјавата на косовскиот претседател Хашим Тачи дека со албанскиот премиер Еди Рама, кој е домаќин на регионалната средба, зборувал за обединување на Албанците, целосно отворање на границата меѓу Албанија и Косово и соединување на Прешевската долина во јужниот дел на централна Србија.