Власта на напредњаците се наоѓа во постојана предизборна кампања

Кампањата што ја започна српскиот претседател Александар Вучиќ, под името „Иднината на Србија“, е одговор на граѓанските протести против власта

Зголемување на платите и пензиите, пораст на просечната плата до крајот на годината во висина до 500 евра, зголемување на најниската плата на 30.000 динари, отворање низа фабрики и изградба на нови патишта во цела Србија, се најважните поенти од новата програма на српската влада со која актуелниот претседател Александар Вучиќ шета низ земјата. Кампањата што ја започна српскиот претседател, под името „Иднината на Србија“, е одговор на граѓанските протести против власта и се некој вид контрамитинзи, кои треба да ја вратат разнишаната позиција на владејачката коалиција предводена од Српската напредна партија.

Професорот на Факултетот за политички науки, Чедомир Чепурин, во изјава за „Дојче веле“ нагласува дека „узурпацијата на власта од страна на претседателот станала толку голема што предизвикала и соодветна реакција од академската заедница и студентите“.

– Младите увидоа дека не се исполнуваат ветувањата од власта и за тоа дека со ваква селекција при вработувањата најдобрите никогаш нема да ја добијат својата шанса. Од друга страна, се форсира системот на приватно студирање каде што набрзина се добиваат лажни дипломи и овие лица со такви дипломи сѐ повеќе го заземаат јавниот простор – вели Чупиќ.

Новинарот Слободан Ступар кампањата на Вучиќ ја смета за „ментална реакција“ на граѓанските протести. Претседателот на Србија на овој начин го зголемува отпорот кон опозициските протести, а во исто време со притисоците на вработените во јавниот сектор да присуствуваат на собирите на Вучиќ, се заплашуваат и досегашните гласачи на СНС.

– Неговите симпатизери сѐ повеќе сфаќаат дека Вучиќ нема вечно да биде на власт и размислуваат за периодот потоа. За жал, тоа е атмосферата што сѐ повеќе води кон сериозен општествен и политички конфликт – вели Ступар за „Дојче веле“.

За Чупиќ кампањата „Иднината на Србија“ е уште една злоупотреба на власта затоа што претседателот на Србија е претседател на сите граѓани и тој не може да биде организатор на митинзи на кои се собираат приврзаниците на една политичка партија.

– Ова е страшна узурпација што дополнително ги дели граѓаните. Бесмислено е неговото однесување, кога тој како претседател на државата се шета низ Србија и се обидува да ги решава личните проблеми на граѓаните. Дали пораката што се испраќа до милиони граѓани е тие да одат кај претседателот и од него да бараат решавање на своите проблеми или тоа треба да се прави во надлежните институции – забележува Чупиќ.

Власта на напредњаците практично се наоѓа во постојана предизборна кампања, а најновата кампања на Вучиќ претставуваат и најава за одржување на предвремени парламентарни избори во Србија, оценуваат политичките аналитичари.

Претседателот на Србија во најновото гостување на телевизијата Пинк ја отфрли можноста да разговара со лидерите на опозицијата за нивните барања изнесени на протестите, но истакна дека тој не го отфрла дијалогот со граѓаните.

– Правев многу грешки, но секогаш се трудев да работам во корист на државата. Се борев за зачувување на мирот и стабилноста во земјата. Остваривме економски раст што Србија го немала досега. Просечната плата беше 329 евра, а сега е 465. До крајот на годината ќе достигне до 500 евра – изјави Александар Вучиќ.