Српскиот претседател, Александар Вучиќ, бил прислушуван 13 години, често и без налог од судот или каква било наредба и законски мерки, изјави министерот за внатрешни работи на Србија, Небојша Стефановиќ, објави РТС.

Тој рекол дека Вучиќ во континуитет бил прислушуван од 1995 до 2000 година, потоа повторно од 2000 до 2003 година и особено на, како што рекол Стефановиќ, перфиден начин во периодот од 2007 до 2012 година.

– Тоа е правено без налог на судот или каква било наредба и мерки засновани на закон, а некогаш и по налог на судот – рекол Стефановиќ.

Тој рекол дека не е поведена постапка против ниту едно лице за прислушувањето, ниту е поднесена кривична пријава.

Министерот рекол дека Вучиќ од 2007 до 2012 година бил прислушуван низ опфат на повеќе лица што оствариле комуникација со него, а кои, како што рекол, биле означени како екстремисти.

– Меѓу тие лица биле и Горан Весиќ и Владимир Ѓукановиќ – рекол Стефановиќ.

Тој додал дека не може да ги обелодени имињата на другите лица поради заштита на приватноста и дека од опкружувањето на Вучиќ биле прислушувани од 10 до 12 луѓе.

– По тоа гледате дека целта не е откривање кривични дела, туку да се следи нечија работа за кого сметате дека е политички противник – истакнал Стефановиќ.

Слично, додал тој, беше и со Томислав Николиќ.