Претседателот на Србија, Александар Вучиќ откри дека е прислушуван година и пол. ој во интервју за „Курир“ вели дека знае кој стои зад тоа и дека верува дека надлежните органи ќе испитаат се. Тој нагласи дека има докази за своите тврдења – сопствени снимени разговори.

„ Имам докази дека сум бил прислушуван. Имам свои снимени разговори, бидејќи некои луѓе мислеа дека можат да го избришат, да го сокријат. Но, не заборавајте дека кога имате ваква поддршка од народот, има голем број на луѓе кои сакаат искрено и професионално да ја завршат својата работа и нема да се согласат на такви работи. Значи, верувам дека надлежните органи ќе го испитаат тоа и дека, доколку има недвосмислено прекршување на законот, оние што го прекршиле законот ќе одговараат“ изјави Вучиќ во интервју за празничниот број на весникот.

Според него, прислушување на претседател на една земја е тешко кривично дело и претставува обид за рушење на уставниот поредок. Како што истакнал во интервјуто, тоа е државен удар, па потребна е темелна истрага и епилог од целата приказна.

Безбедносните експерти исто така велат дека е потребна итна и темелна истрага, пренесува весникот. Министерот за внатрешни работи Александар Вулин изјави денеска дека службите работат на истрагата за тој случај.

„ Вучиќ не го кажа тоа поради политички маркетинг, туку затоа што е вистина. Претседателот ја кажува вистината, а наша работа е да ја потврдиме таа вистина“ рекол Вулин за ТВ Прва и додал дека за тоа надлежните служби го известиле претседателот.