Српскиот претседател Александар Вучиќ на средбата со францускиот претседател Емануел Макрон разговарал за иднината на Европа, но не биле дадени никакви гаранции дека Србија би влегла во Европската Унија до 2025 година доколку го реши проблемот со Косово.

Разговорот со Макрон бил „непосреден, добар, отворен и пријателски“, изјави Вучиќ за новинарите што присуствувале на Парискиот форум. Од претседателот на Србија било поставено отворено прашањето што може да се очекува во иднината. Во вториот дел од разговорот станало збор за регионалната иницијатива на Србија, Македонија и на Албанија за малиот шенген.

– Го замолив Макрон за поддршка и уверен сум дека ќе ја добиеме затоа што се заснова на четири важни слободи што се промовираат од ЕУ, а кои се универзални – изјави Вучиќ. Тој ги претставил податоците на Светската банка, доколку во оваа иницијатива би се приклучиле шесте земји од Западен Балкан. Со ваквото економско поврзување заштедите ќе бидат околу 3,5 милијарди евра, а користа само за Србија би била 1,5 милијарда евра.

Во однос на релациите со Приштина, на средбата на двајцата државници било констатирано дека Европа ќе почека на формирањето на новата влада во Косово, но била истакната потребата за постигнување компромисно решение, за што би се заложил и Емануел Макрон.

Косовскиот претседател Хашим Тачи на средбата со Александар Вучиќ, која била иницирана од Макрон, го искажал ставот за продолжување на дијалогот со Белград, но тоа да биде без какви било условувања.