Српскиот министер за одбрана Александар Вулин изјави денеска дека по ремонтот и модернизацијата на четирите белоруски авиони Миг-29, за кои вчера беше извршено примопредавање, воздухопловните сили на српската војска ќе имаат 14 ловци на ниво на 4+ генерација, со што земјата ќе има, како што рече, „апсолутно најмодерна флота на ловци од 1987 година“.

– Ние никогаш не ќе можеме да се споредиме со Русија или Америка и не ни е тоа потребно. Но, за наши цели, за регионот, ќе имаме апсолутно најмодерна флота на ловци од 1987 година, кога последен пат ја имавме обновено – изјави Вулин во соопштението за медиуми од Министерство за одбрана.

Во изјавата за ТВ Пинк, Вулин истакна дека во текот на годината во Србија треба да пристигнат од Русија три нови хеликоптери Ми-17 и четири хеликоптери Ми-35, додека Ербас треба да достави девет хеликоптер Х-145, од кои пет се наменети за српската војска, а четири за Министерството за внатрешни работи.

– Во 2012 година не можевме ниту да сонуваме за такво нешто. Сега само според бројот на хеликоптери, и тоа нови и најмодерни, можеме да се споредиме со било која земја во регионот, па и да предводиме – оцени Вулин.

Тој рече дека овие авиони се врвот на спроведување на договорот за воено-техничка соработка со Белорусија, која ќе продолжи, додавајќи дека оваа година Србија ќе биде домаќин на големата вежба „Словенско братство“, на која ќе учествуваат руската, белоруската и српската војска.